1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан ги повикува Белград и Приштина на конструктивност

СН/БГ/бета20 август 2012

Советот за безбедност на ОН утре (21.08) ќе го разгледува извештајот за Косово на генералниот секретар на светската организација, Бан Ки Мун.

https://p.dw.com/p/15syk
Фотографија: REUTERS

Првиот човек на ОН, Бан Ки Мун, во последниот извештај за состојбата на Косово ги повикува Белград и Приштина да бидат конструктивни во надминувањето на тешкотиите во примената на договорите постигнати во меѓусебниот дијалог. Генералниот секретар наведува дека е задоволен од досегашните конкретни резултати од дијалогот, меѓутоа изразува загриженост поради бавната имплементација на некои од постигнатите договори. Бан Ки Мун укажува дека ситуацијата на северот на Косово и натаму е кревка и повикува на претпазливост и воздржаност на сите страни за да се намалат можностите за „регресивен политички развој или нестабилност“.

Во извештајот за состојбата на Косово во периодот од 16 април до 15 јули годинава Бан го поздравува и мирното одржување на српските претседателски и парламентарни избори, оценувајќи дека тоа укажува на зрелоста на политичките лидери на двете страни.

Тој посебни пофалби изразува за меѓународните партнери на Косово, особено ОБСЕ, како и КФОР и ЕУЛЕКС за суштински придонес за успешното спроведување на гласањето на Косово.

Во извештајот исто така се истакнуваат предизвиците со кои се соочени малцинските заедници во сите делови на Косово и потребата за подобар одговор на институциите, особено полицијата, што е, како што оценува , од суштинска важност за зголемување на бројот на повратници на Косово.

Ban Ki-moon
Бан Ки МунФотографија: dapd

Дачиќ и Тачи во Њујорк

Во анексот на извештајот на Бан Ки Мун се наоѓа и извештајот на шефот на ЕУЛЕКС Гзавие Бу де Марнак, кој наведува дека мисијата на ЕУ продолжува да помага во спроведување на институционалните реформи, како и во примената на досега постигнатите договори во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

На седницата на Советот за безбедност, на која ќе биде разгледан извештајот на Бан Ки Мун, ќе говори српскиот премиер Ивица Дачиќ, кој ја предводи делегацијата во која се наоѓа и српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ. Во Њујорк отпатува и косовскиот премиер Хашим Тачи.