1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун вџашен од насилството во Сирија

7 февруари 2012

Сириската армија продолжува со пресметувањето со противниците на режимот. Сириската опозиција јавува дека утрово продолжило гранатирањето на градот Хомс. Расте бројот на жртви

https://p.dw.com/p/13yNN
Генералниот секретар на ОН Бан Ки МунФотографија: picture-alliance/dpa

Во политички мотивираните насилства во Сирија, според информации на активисти за човекови права, вчера биле убиени речиси сто луѓе. Само при бомбардирањето на упориштето на опозицијата, градот Хомс, животот го загубиле 69 цивили, соопшти денеска Сириската служба за опсервација на човековите права во Лондон.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, два дена по неуспехот во донесувањето резолуција за Сирија во Советот за безбедност, изрази вџашеност од новото насилство во оваа земја. Тој ги осуди нападите, особено во градот Хомс. Непостоењето решителност во Советот за безбедност на ОН на „сириските власти не им дава бланко чек за проширување на нападите против народот“, изјави Бан.

UN Sicherheitsrat 04.02.2012
Резолуцијата за Сирија беше блокирана во Советот за безбедност на ОН од страна на Русија и КинаФотографија: dapd

Резолицијата за Сирија во Њујорк беше блокирана од Русија и Кина, иако не предвидуваше санкции против сирискиот режим, истакна германската канцеларка Ангела Меркел, која како и Франција се залага за формирање контакт група за Сирија.

Лавров во посредничка мисија

Денеска во посредничка мисија во Дамаск патува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. САД сметаат дека неговата посета ќе придонесе за тоа Сирија да го усвои планот, предложен од Арапската лига, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Викторија Њуланд.

„Се надеваме дека рускиот министер ќе го искористи случајот за да му покаже јасно на режимот на претседателот Башар ал-Асад колку е изолиран и да го повика да го усвои арапскиот план, да го постави почетокот на транзицијата на власта и да се повлече од функцијата“, рече Њуланд. Лавров денеска ќе оствари средба со Асад.

Советот за соработка во Заливот ќе одржи средба за Сирија

Der russische Außenminister Sergej Lawrow Sicherheitskonferenz München
Сергеј ЛавровФотографија: picture-alliance/dpa

Министрите за надворешни работи од државите во Советот за соработка во Заливот (ССЗ) на 11-ти февруари ќе се сретнат во Ријад на состанок, посветен на Сирија, откако ОН не успеаја да ја прифатат резолуцијата со која се осудувааат насилствата во земјата, изјави министерот за надворешни работи на Оман Јусуф бин Алауи.

Средбата ќе се одржи пред министерскиот состанок на Арапската лига во Каиро и ќе има за цел разјаснување на ситуацијата по неуспехот на Советот за безбедност да ја усвои резолуцијата за поддршка на планот на Арапската лига за излез од сириската криза, изјави министерот за надворешни работи на Оман Јусуф бин Алауи.

Автор: Жана Ацеска /АМ/дв/дпа/миа

Редактор: Б. Георгиевски