1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун загрижен за Либан поради конфликтот во Сирија

Александар Методијев/афп/бета19 октомври 2012

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изрази загриженост за влијанието на сириската криза на соседен Либан, нагласувајќи ја зголемената тензија на нивната заедничка граница. Конфликтот може да го распали регионот.

https://p.dw.com/p/16T32
Фотографија: AP

Во извештајот до Советот за безбедност Бан исто така ги нагласува обвинувањата за шверц на оружје преку границата и порачува дека Либан не смее да биде „вовлечен во регионалните немири“.

„Јас сум длабоко загрижен за влијанието на сириската криза врз Либан“, забележува Бан во извештајот во кој нотира зголемен број на инциденти со гранати, кои имале за цел села на либанска страна од границата. Само во јули се регистрирани 31 инцидент.

„Обвинувањата за шверц на оружје преку сириско-либанската граница и инцидентите, кои се повторуваат по должина на границата и кои предизвикуваат смрт и повреди на цивилите, ја нагласуваат итната потреба за подобрување на менаџментот и контролата на границата од либанска страна“, забележува генералниот секретар на ОН.

Либан до сега направи две јавни поплаки до сириските власти за прекршување на територијалниот суверенитет со предупредување дека тоа може да го распали огнот во целиот регион.

Насилството во Сирија и натаму не запира. Во бомбардирање на сириската армија врз град на северот од земјата, кој е под контрола на бунтовниците, се убиени најмалку 49 лица, од кои 23 се деца. Најмалата жртва е девет месечно бебе.