1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун лично ќе се ангажира во спорот за името

АТ/ миа/ макфакс29 септември 2013

Решавање на спорот за името, интензивирање на преговорите со Грција, како и личен ангажман на Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун биле темите на разговорот на средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/19q91
Фотографија: MAKFAX

Претседателот на Владата на Македонија Никола Груевски во Њујорк оствари средба со генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. Груевски на средбата со Бан разговараше и за активностите на Македонија во рамките на Обединетите Нации, соработката во остварувањето на поставените цели, и за процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение околу спорот за името.

Груевски притоа оценил дека Грција ги одбегнувала напорите на пратеникот на Обединетите нации, амбасадорот Метју Нимиц, и одбивала средби и разговори. „Начинот како сега се поставени работите не дава резултати, бидејќи другата страна успешно прави опструкции кои се во правец на одолговлекување и купување на време. Мислам дека ова веќе е препознаено и мислам дека ќе се промени играта, ќе се најде друг начин како да се придвижат работите, да станат поактивни и да се дојде до одредено решение. Тоа за нас како држава е многу важно, бидејќи покрај односите со нашиот јужен сосед, тоа го попречува и нашето членство во НАТО и во Европската унија, што за тој дел на Европа е исклучително важно прашање", изјави Груевски по средбата за македонските медиуми.

За време на средбата, Бан понудил негов личен ангажман, да учествува во обид да се организира средба на највисоко ниво меѓу двете земји, што Македонија веднаш го прифатила, со што сега се очекува како Грција ќе одговори на тоа.

„Првпат во нашите разговори генералниот секретар Бан Ки Мун изрази подготвеност и тој лично да се вклучи во разговорите, организирајќи средба на повисоко ниво. Јас тоа го поздравив и кажав дека во секое време сме подготвени за таква средба. Тоа би било еден нов момент, доколку се случи, и доколку и другата страна го прифати“, изјави Груевски.

Друго прашање на средбата Бан-Груевски биле и рамките поставени со двете резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации за спорот за името. „Укажав и на потребата дискусијата да се врати во рамките на двете резолуции на Советот за безбедност на ОН, бидејќи се чини дека тие на моменти се надминуваат, односно се излегува надвор од нивните рамки, говорејќи за различни детали кои не се дел од тие резолуции, како што е ерга омнес, негирање на јазик и нација", изјави Груевски по средбата со Бан.

Во следните седмици се очекува средбата која Нимиц ја најави во Њујорк, и на која ќе учествуваат претставниците на двете страни, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, но и конкретизирање на иницијативата на Бан Ки Мун за интензивирање на разговорите.