1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун нема да го забрза решението во македонско-грчкиот спор

Горан Петрески26 јули 2012

Кога високиот гостин, како Бан Ки Мун, ќе испрати јасна порака со значајна доза на поддршка за земјата домаќин, тогаш тоа има политичка тежина. Аналитичарите и политичарите немаат преголеми очекувања.

https://p.dw.com/p/15ejo
Фотографија: Petr Stojanovski

За Јован Донев од институтот Евро Балкан се очекувани позитивните оценки и охрабрувачките пораки на Бан Ки Мун.

„Она што го кажа Бан Ки Мун во однос на демократските процеси во Македонија е истото што го нотира Европската комисија три години по ред. Македонија е држава со стабилна демократија, исполнети копенхашки критериуми и тука нема ништо што треба да не изненадува. Би не изненадило ако не ни го кажат тоа“, објаснува професорот Јован Донев, но не очекува дека генарлниот секретар ќе го забрза процесот на наоѓање на решение на македонско-грчкиот спор.

Дане Талески од СДСМ, пак, смета дека пораките на Бан Ки Мун одговараат на дипломат од негов калибар.

„Би било недипломатски да испрати друга порака за земјата домаќин, освен позитивна. Сепак не треба да се има преголемо очекување од посетата на Бан Ки Мун. Би било добро ако има позитивен импулс за поддршка на демократските реформи кои заостануваат во Македонија и поддршка за побрзо решавање на спорот со Грција. Се надевам на сериозен напредок и во двете области за да не остане посетата на Бан Ки Мун летна политичка туристичка атракција“, забележува Талески.

Ветување за личен ангажман

Mazedonien Nimetz Ivanov Poposki in Ohrid 2012
Со Бан Ки Мун во Македонија беше и посредникот во македонско-грчкиот спор Метју НимицФотографија: picture-alliance/dpa

Генералниот секретар на светската организација рече дека лично ќе се заложи за решавање на еден од најтешките проблеми со кои се соочува Македонија во поновата историја. Бан Ки Мун изрази подготвеност да помогне за надминување во спорот за името. Најави дека за проблемот лично ќе разговара со грчкиот премиер Андонис Самарас.

„Ќе вложиме максимални напори да разговараме со грчките власти. Веднаш по посетата, ќе го испратам својот специјален претставник Метју Нимиц во Грција, за да објасни што разговаравме овде. Јас лично ќе се обидам да го исконтактирам премиерот Самарас за да помогнам во забрзувањето на тој процес. Жално е што две соседни земји не успеаја целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат се’ што е во нивна моќ да го олеснат тој процес. Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти“, рече Бан Ки Мун на прес-конференцијата во Охрид.

Поддршката ја повтори и пред државниот и црковниот врв во обраќањето во парламентот.

„Вие имате цел да се приклучуте во ЕУ и НАТО и знам дека имате и пречка во оваа ваша цел. Императив е да се разреши прашањето на името. Јас сум посветен да помогнам, да олеснам во решавањето на ова прашање. Може да сметате на ОН и во исто време ќе охрабрам премиерот, Претседателот на држвата, претседателот на Собранието да бидат обединети и посветени на негово решавање“, рече Бан.

Политички реакции на пораките на Бан Ки Мун

Политичарите во првичните реакции за Дојче Веле изразија задоволство од поддршката на Бан Ки Мун. Потпретседателката на парламентот Светлана Јакимовска е оптимист дека пораките ќе предизвикаат ефекти.

Ban Ki-moon in Mazedonien
Пораките на Бан Ки Мун имаат тежина, оти доаѓаат од првиот човек на ОНФотографија: MIA

„Верувам дека заложбите на Бан Ки Мун се во насока за побрзо изнаоѓање решение прифатливо за двете земји. Позициите на Макеоднија се она што ќе биде прифатливо за граѓаните и за државата да биде прифатено од нас политичарите. Сепак не отстапуваме од ставот дека конечниот збор ќе го кажат граѓаните на референдум. Убедена сум дека заложбите на генералниот секретар и на специјалниот пратеник за името ќе вродат со плод во скоро време на задоволство на сите нас“, изјави за Дојче веле Светлана Јакимовска од ВМРО ДПМНЕ.

Тито Петковски од НСДП смета дека посетата на Бан Ки Мун сама по себе значи силна поддршка за Макеоднија.

„Очекувам пораката да допре до Грција како земја која со години го оспорува нашето членство. Сепак станува збор за првиот човек на ООН. Тоа значи дека земјите членки треба да работат согласно повелбата на Обединетите нации, а во тие рамки значи рамноправност на сите народи и држави“, изјави Петковски за Дојче веле.

Бан Ки Мун е првиот генерален секретар на Обединетите нации кој дојде во официјална посета на Македонија (во 1999-та година во посета на бегалскиот камп Стенковец беше тогашниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, н.з.). Бан за време на престојот во земјата беше придружуван од посредникот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц.