1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк со глад пред Бранденбуршката порта

Хајнер Кизел/ Жана Ацеска17 октомври 2013

Во Германија деновиве се одржуваат повеќе протестни акции против политиката на азилот. Се зголемува и нивната радикалност: околу 30 баратели на азил во Берлин штрајкуваат со глад.

https://p.dw.com/p/1A1Rf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Акили Јулес Зава полека се поткрева од зелената простирка. Тој е среде провизорниот логор од најлони и чадори, неколку десетици метри оддалечен од Бранденбуршката порта, берлинското обележје. Влажно е, небото е сиво, а на плоштадот се чувствува ароматична миризба од колбаси од киосците. Зава, барател на азил од Република Конго, не и‘ обрнува внимание, се завиткува уште повеќе во својот кожен мантил.

„Веќе осум дена ништо не сум јадел, а од пред три дена ништо не сум пиел, се чувствувам слаб“, вели тој. Околу него лежат или клечат уште 23 други штрајкувачи со глад. Биле и побројни, но тројца се пренесени во болница.

„Нашата заедничка цел е да бидеме третирани како луѓе, да смееме слободно да се движиме и да работиме“, вели Зава.

Hungerstreik von Asylbewerbern
Акили Јулес ЗаваФотографија: DW/H. Kiesel

Состојбата на штрајкувачите со глад пред Бранденбуршката порта во центарот на германската престолнина влезе во критична фаза. Се‘ поголем број од нив колабираат. Многумина бегалци се скептични кон санитарците од првата помош, кој знае дали тие не треба да се погрижат за слабеење на протестот?

Тие дозволуваат да им се приближи Јирген Хелцингер. Витиот белокос уролог во пензија поминува меѓу штрајкувачите, им мери пулс, што е негов личен ангажман. На еден Авганистанец тој му го масира вратот.

„Тоа може да се случи многу брзо, одеднаш човекот да лежи и да не реагира на болки“, вели Хелцингер. Тој е на штрек, зашто при гладување се можни откажување на бубрезите и пореметување на работата на срцето. Лекарот има почит и за борбата на штрајкувачите со глад:

„Добро е што овие луѓе не настапуваат веќе само како питачи, туку ги бараат своите права“.

Загриженост и воздржаност во Берлин

Учесниците во штрајкот со глад во Берлин стигнаа од Баварија. Минатиот викенд во Минхен беше растурен протестниот камп. Треба да се спречи умирање на луѓе, гласеше образложението притоа.

Дебатата околу азилот во Германија се заострува. Сликите од бегалската катастрофа пред Лампедуза се свежи, емоциите исто така. Во Хамбург протестите ескалираа со насилни напади, во Келн демонстрантите се обидоа да окупираат едно радио. Берлинскиот сенатор за внатрешни работи Франк Хенкел сака ситуацијата да остане мирна и соопшти дека нема да го растура протестниот камп во центарот на градот.

Hungerstreik von Asylbewerbern
Пензионираниот уролог Јирген Хелцингер се грижи за штрајкувачите со гладФотографија: DW/H. Kiesel

Бранденбуршката порта е една од туристичките атракции на Берлин. Штрајкувачките со глад, баратели на азил, се чини се веќе дел од нив - еден американски пар се фотографира покрај гладувачите, а не е единствен.

Политичарката од Партијата на зелените, Канан Бајрам од берлинскиот сенат и нејзината партиска колешка Луизе Амтсберг, пратеничка во Бундестагот од Шлезвиг Холштајн, им ветуваат на штрајкувачите дека ќе разговараат со надлежните служби за прашања на азилот и ги молат да започнат барем да пијат течности.

„Може да се случи наскоро овде да има некој мртов, многу брзо ќе снеможите ако не пиете ништо“, предупредува Амтсберг.

Времето истекува

Лицата на демонстрантите изгледаат уморно. Нивниот протест е најрадикалното што уште можат да го направат преку мирни средства. Да не се попушти сега, велат многумина при дебатата околу апелите на политичарите. Зашто,тогаш веројатно ништо нема да се промени.

Барателите на азил живеат во заеднички прифатилишта, можат само ограничено да патуват и немаат работна дозвола.

„Некои од нас чекаат веќе две или три години на признавање на правото на азил. Не постои друг пат освен да се штрајкува со глад“, вели Зава.

Двете политичарки од Зелените ветуваат - повторно ќе дојдат, можеби ќе има нешто ново. Зава гледа како заминуваат, неговите нозе се тресат. Нешто мора се се случи многу брзо.

„Имам чувство дека секој момент ќе паднам“.