1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барања за истрага за инцидентите на Видовден

СН/бета/миа29 јуни 2012

Мисијата на ОБСЕ на Косово денеска (29.06) побара да се спроведе темелна истрага за вчерашните инциденти на Косово. Српскиот претседател Томислав Николиќ ги осуди нападите врз српски цивили на Видовден.

https://p.dw.com/p/15ODy

Шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово, амбасадорот Вернер Алмхофер, денеска ги осуди насилните инциденти што се случија за време на Видовден и побара темелна истрага.

Во инцидентите за време на вчерашното одбележување на Видовден на Косово и на административната граница со Србија, како и во нападот на автобус со српски ученици во Приштина, повредени беа десетици граѓани, од кои неколкумина потешко. Меѓу повредените имаше и деца и припадници на косовската полиција.

Како што е соопштено од ОБСЕ, Алмхофер побара да се испитаат и наводите за прекумерна употреба на сила од страна на косовските полицајци. „Пријавените напади на полицијата врз луѓе кои патувале со автобуси се неоприфатливи и јас силно ги осудувам“, наведе Алмхофер, додавајќи: „Загрижен сум за извештајот за прекумерна употреба на сила од страна на некои служебници на полицијата и го повикувам косовскиот инспекторат за полиција да го истражи секое лошо однесување на полицијата“.

Претседателот на Србија Томислав Николиќ најостро го осуди нападот врз српски цивили за време на вчерашното одбележување на верскиот празник Видовден на Косово. Прес-службата на претседателот соопшти дека Николиќ истакнал оти „таквите акции се неприфатливи и претставуваат отворена провокација во момент во кој е потребно смирување на тензиите во јужната покраина пред продолжувањето на дијалогот“.

Tomislav Nikolic
Томислав НиколиќФотографија: Reuters

Според Николиќ, одговорноста за нападите лежи исклучиво врз властите во Приштина: „Таквото кршење на човековите права не придонесува за воспоставување стабилност во регионот“, оценува Николиќ.