1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барозо го предизвикува Берлин

ЖА/дпа/дв/ртре/макфакс12 септември 2012

Брисел ја форсира идејата за супервизија на банките - таа би требало да стартува уште во јануари 2013. година, најави денеска (12.09) пред европратениците претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо.

https://p.dw.com/p/167JV
Фотографија: AP

Со своите планови за европска банкарска унија Европската комисија ја предизвикува германската влада. И покрај масивната критика од Берлин, ЕК денеска ги претстави плановите според кои моќната европска банкарска супервизија преку Европската централна банка би почнала со работа уште на почетокот на следната година. Од почетокот на 2014. година пак сите шест илјади финансиски институции од 17-те членки на еврозоната, меѓу кои и германските банки, ќе подлежат на европска контрола. Надзорното тело преку казни треба да ги принуди непослушните банки на правилен пат, со што ќе спречи банкарски кризи и државни акции за спасување врз грбот на граѓаните-даночни обврзници.

Со тоа ЕК директно се конфронтира со германската влада, која уште пред презентирањето на предлозите вршеше агитација против нив. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле предлогот на Барозо за почеток на работа на супервизијата на банките на почеток на 2013-та година го смета за нереален.

„Би требало да се заштитиме при временската рамка од создавање очекувања кои не би можеле да ги исполниме“, изјави Шојбле. Тој бара ограничување на банкарскиот надзор на најголемите банки, додека „помалите банки“ би требало и натаму да подлежат на националниот надзор. Германија може да ги блокира плановите, зашто за нивна реализација е потребна согласност на сите 27 држави членки.

EU Kommission Präsident Manuel Barroso
Жозе Мануел Барозо пред европратеницитеФотографија: Reuters

Барозо бара нова унија

Претседателот на Европската комисија Барозо, во средата, во својот говор пред пратениците во Европскиот парламент се заложи и за јакнење на федералната компонента на Унијата и најави измени во Лисабонскиот договор.

„Европа се наоѓа во длабока политичка, економска и општествена криза, којашто истовремено е и криза на довербата“.

Барозо предупреди дека ниту една европска држава, без оглед на големината, не може сама да се натпреварува со силите какви што се САД и Кина, и дека тие мора да останат заедно.

„Кога бродот ќе налета на бура, од екипажот се бара апсолутна лојалност“, рече Барозо, чиј 45-минутен говор често бил прекинуван со ракоплескање од парламентарците.

Претседателот на ЕК се заложи за довршување на економската и монетарната унија, што би бил прв чекор кон банкарската унија, но и чекор за натамошна трансформација на ЕУ во европска федерација.

„Ќе градиме федерација на национални држави, а не супердржава“, истакна Барозо, со напомена дека тоа не може да се оствари без измени во Лисабонскиот договор. Тој најави дека ЕК пред следните избори кои се закажани за 2014. година ќе предложи нацрт на новиот договор.

Schäuble Haushaltsdebatte
Волфганг Шојбле има поинакви ставови од БарозоФотографија: picture-alliance/dpa

Барозо предупреди на растечката опасност од национализмот и популизмот, коишто, како што рече, се хранат со тековната политичка и економска криза.

Претседателот на ЕК рече и дека треба да се зајакнат европските дипломатски и одбранбени капацитети, со што ЕУ би станала сериозен играч на глобалната политичка сцена, дополнувајќи дека одбраната на ЕУ не смее да биде препуштена на националисти и популисти. Барозо во својот говор се заложи и за одбрана на европските вредности и основните човекови права.

„Кај нас не испраќаме две-три девојки во затвор само поради тоа што исмеале политички лидер“, рече тој алудирајќи на случајот со руската женска панк група „Пуси Рајот“, кои се осудени на затворски казни само поради тоа што во својата песна го исмеаја рускиот претседател Владимир Путин. Првиот човек на ЕК ги повика парламентарците да превземат одговорност за својата улога во реформирањето и јакнењето на ЕУ.