1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барозо: ЕУ и САД почнуваат преговори за зона на слободна трговија

ЕМФ/дпа/афп17 јуни 2013

Зелено светло за старт на преговори за создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот треба да биде дадено уште денеска, соопшти пред почетокот на самитот на Г8 во Северна Ирска, претседателот на ЕК Барозо.

https://p.dw.com/p/18rBa
Фотографија: Reuters

Зелено светло за преговори за најголемата зона на слободна трговија во светот (на простор со 800 милиони жители) треба да се даде заедно со американскиот претседател Барак Обама, изјави Жозе Мануел Барозо. Укинувањето на царини и други трговски пречки треба да бидат пред се‘ мотор на нови стопански импулси и да придонесат за создавање работни места. ЕУ и САД се „одговорни“ за речиси половина од светскиот економски учинок. Една третина од глобалните трговски струи отпаѓаат на нив.

Кого го критикува Барозо?

Претседателот на Европската комисија денеска (17.06) ги критикуваше посебните барања за сферата култура при преговорите за договор за слободна трговија со САД како „реакционерни“. „Некои велат дека се дел од левицата, но всушност тие се културно многу реакционерни“, изјави Барозо во интервју објавено денеска (17.06) во Интернешнл Хералд Трибјун. Вакви барања има пред се‘ Франција. Кој се плаши од културно влијание на САД во Европа, „не разбира какви предности носи глобализацијата и од аспект на културата“, нагласува Барозо.

Flaggen USA und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Земјите на ЕУ во петокот (14.06) дадоа зелено светло за создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот меѓу ЕУ и САД, но Франција даде своја согласнст дури откако министрите за трговија на ЕУ ја исклучија аудиовизуелната културна сфера. Франција се закани дека доколку тоа не биде сторено, таа ќе стави вето. Официјален Париз стравува дека ако оваа сфера не биде исклучена од преговорите, ќе има негативни последици за дел од културата, како субвенциите за домашната филмска индустрија.

Портпарол на Европската комисија денеска демантираше дека има разлики во мислењата со социјалистичката влада во Париз и дека критиката на Барозо е насочена кон Франција. Со изразот „реакционенри“ Барозо не мислел на француската влада, туку на критичарите од сферата на културата и политиката, се тврди од ЕК. Барозо, имено, пред донесувањето на заклучокот за прегвоори со САД беше остро критикуван од страна на дел од културните работници.