1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барозо: ЕУ ќе го исполни ветувањето за прием на кандидатите

СН/бета10 ноември 2013

Претседателот на Европската комисија, изјави дека проширувањето е еден од успесите на ЕУ и порача оти Унијата и „натаму ќе го исполнува ветувањето дадено на земјите-кандидатки за стапување во членство“.

https://p.dw.com/p/1AExy
Фотографија: Reuters

Во говор на собир во Цирих, првиот човек на Еврокомисијата се осврна на историската порака на британскиот премиер Винстон Черчил по Втората Светска Војна, за тоа дека Европа мора да стане единствена целина на мир и интеграција, притоа истакнувајќи: „Вратите на Унијата остануваат отворени, со тоа што, се разбира, треба строго да се издејствува и нашите партнери да преземат дел од својата одговорност. Придржувањето до договорите е клучно за нашата привлечна моќ и уверливост, иако тука има прашања и крупни предизвици“, рече Барозо,

Но, претседателот на Комисијата на ЕУ предочи: „Не смееме да заборавиме дека тоа е геостратешки проект од прв ред, бидејќи во прашање е ширењето на дејството и влијанието на нашата Унија, што е во наш најголем интерес. Станува збор за тоа да го обликуваме своето соседство, инаку ќе го обликуваат други“ .

Покрај ова предупредување Барозо уште истакна дека отвореноста на Унијата не смее да биде само во економски рамки и наведе дека е „факт оти еден од најголемите успеси на ЕУ е постепениот прием на нови членки, а Унијата се стреми да ја шири и да ја зацврстува демократијата, безбедноста и заедничкиот напредок ширум континентот“.

Првиот човек на Еврокомисијата уште укажа дека во денешниот свет на брзи промени е несомнено нужно да се има геополитичка итрина и стратешка визија.