1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баросо: EУ нe e надлежнa за малцинствата

Тони Гламчевски 26 јули 2008

Претседателот на EK Жозе Мануел Баросо одговори на писмото од македонскиот премиер Никола Груевски- ЕУ не е надлежна за прашања на малцинствата, нивните права, државјанства и враќање на имотите во нејзини земји членки.

https://p.dw.com/p/EkKL
Жозе Мануел Баросо: прашањето треба да го решаваат други институцииФотографија: AP

На претседателот на Европската комисија му беше потребна една недела за да одговори на писмото на претседателот на владата на Република Македонија, во кое Никола Груевски бараше лично ангажирање на Жозе Мануел Баросо за признавање на македонското малцинство во Грција и за почитување на правата на децата бегалци.

Во првиот дел од писмото на Баросо до Груевски се вели дека Европската Унија не е надлежна за прашањата кои ги отвори македонскиот премиер.

"Европската комисија силно е приврзана кон почитувањето на основните човекови права и слободи. Како и да е, важно е да се разјасни дека Европската унија нема генерална надлежност да се занимава со прашања како што се идентитети на малцинства, нивни права, давање државјанство и враќање имоти во нејзини земји-членки. Тоа е примарна одговорност на земјите-членки во светлината на нивните уставни традиции и меѓународни обврски. Се надевам дека ова разјаснување е полезно" – стои во одговорот на Баросо до Груевски.

Добрососедски односи

Во вториот дел на писмото, претседателот на Европската комисија го потсетува македонскиот премиер на потребата од добрососедски односи на патот кон Европската Унија.

"Жалам што во билатералните односи на вашата влада и таа на соседна земја – членка на ЕУ, има проблеми. Основниот аспект на европската вокација е да им се пристапи на ваквите тешкотии со конструктивен и кооперативен дух, отвореност за дијалог и да се најде заеднички пат напред. Одржувањето добрососедски односи останува суштинско за напредокот на вашата земја кон Европската унија" – напиша Баросо.

Одговорот на Баросо беше очекуван, со оглед на досегашната практика со третирањето на теми како оваа од страна на Европската Унија. Според објаснувањата во Брисел, решението на прашањата за правата на македонското малцинство, кое Грција не го признава и прашањата поврзани со Македонците бегалци од Грција, потребно е да се бара на друго место. Најнапред во Советот на Европа и неговиот Суд за човекови права во Стразбур.