1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Басеску повторно се радува

7 декември 2009

По пребројувањето на 99 проценти од гласовите по изборите во Романија, Трајан Басеску освоил 50,37 проценти. Неговиот предизвикувач, социјалдемократот Мирча Ѓоана освоил 49,63 насто гласови, соопшти Изборната комисија.

https://p.dw.com/p/KriY
Трајан БасескуФотографија: AP

Денеска се’ изгледа поинаку отколку што се предвидуваше вчера. Три од четири институти за демоскопија, по затворањето на избирачките места предвидуваа дека актуелниот претседател Трајан Басеску ќе ја загуби власта. Само еден институт предвидуваше изедначена трка. Но, утринава Државната изборна комисија соопшти дека по пребројување на 99 насто гласови во предност е Басеску: за него гласале 50,37 проценти од избирачите, додека 49,63 за Ѓоана.

Со ова се повторуваат случувањата од 2004 година. И тогаш се чинеше дека Басеску ќе загуби. Тој самиот уште вчера вечер се прогласи за победник, пред последните гласачки ливчиња да бидат пуштени во избирачките кутии: „Победивме исто како и во 2004 година. Ве уверувам дека резултатите од анкетите уште во 19 часот ќе покажат дека го победив Мирча Ѓоана.“

Wahlen in Rumänien 2009
Избори во РоманијаФотографија: AP

Басеску, кој во времето на комунизмот беше капетан на брод, по падот на режимот стана претседател на Демократската партија, министер за транспорт и градоначалник на Букурешт. Во првите пет години од неговиот мандат како претседател се обиде да се профилира како борец против корупцијата, без да постигне позначајни резултати. Критичарите постојано му забележуваа за неговиот агресивен и авторитарен стил. Во 2007 година парламентот безуспешно се обиде да го отповика од функцијата поради префрлувања за пречекорување на надлежностите.

Со референдумот, одржан паралелено со првиот круг избори, Басеску се реваншираше: речиси 90 проценти од Романците гласаа за намалување на бројот на пратениците во парламентот. Тој по се’ изгледа ќе го задржи курсот на неговата досегашна политика. Тоа јасно и го кажа: „Немаме друг избор освен програмата што ја предложив, и која Романците ја потврдија со нивниот глас. Им благодарам на сите Романци што го избраа Трајан Басеску.“

За стариот и најверојатно нов претседател нема да биде едноставно. Со оглед на тоа што веќе со недели на власт е влада која нема ингеренции за донесување одлуки, на Романија и се заканува не само политички, туку и економски колапс: кризата ги попречува неопходните реформи. Како последица на тоа ЕУ и Светската банка во моментов го блокираа финансискиот договор меѓу Букурешт и Меѓународниот монентарен фонд.

Автор: Јерг Пас / Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска