1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн доби можност да му се реваншира на Интер

17 декември 2010

Ждрепката сакаше неколку великани на европскиот фудбал да се сретнат уште во осминафиналето на Лигата на шампионите. Во центарот на вниманието е репризата на минатогодишното финале меѓу Интер и Бајерн.

https://p.dw.com/p/Qehl
Бајерн и Интер ќе ги расчистуваат сметките во реприза на минатосезонското финалеФотографија: picture-alliance/dpa

Актуелниот европски првак Интер од Милано ќе игра против германскиот првак Бајерн Минхен во осминафиналето на фудбалската Лига на шампиони. Во реприза на минатосезонското финале, Бајерн доби шанса да се реваншираи за поразот од 2:0 во Мадрид.

Тренерот на Бајерн Луис Ван Гал беше задоволен од исходот на ждрепката. „Имаме сметки за расчистување со Интер. Ние ја имаме предноста поради тоа што реваншот ќе биде во Минхен, па затоа сум задоволен“, изјави Ван Гал.

Вториот германски претставник, Шалке ќе ги одмери силите со шпанската Валенсија. „Се работи за атрактивен, но тежок противник. Сепак, нашата цел е да одиме понатаму“, изјави тренерот на Шалке, Феликс Магат.

За издвојување е и двомечот меѓу Барселона и Арсенал, тимови кои и лани се сретнаа, но во четвртфиналето.

Во останатите дуели се среќаваат Тотенхем-Милан; Рома-Шахтјор; Лион-Реал Мадрид; Марсеј- Манчестер Јунајтед и Копенхаген- Челзи. Првите мечеви се на програмата на 15 и 16 и на 22 и 23 февруари, а реваншите на 8 и 9 и на 15 и 16 март.

Автор: БГ/дпа/макфакс

Редактор: Жана Ацеска