1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн и Шалке во битка до последното коло

19 април 2010

И по 31-то коло продолжува израмнетата битка за титулата во Бундеслигата меѓу Бајерн и Шалке. - Во трката за Големата награда на Кина во Формула 1 победа на Џенсон Батон.

https://p.dw.com/p/N03C
Нов скок на Бајерн на патот кон титулатаФотографија: AP

Бајерн Минхен успеа да ја одржи предноста од два бода пред главниот конкурент за титулата Шалке, со лесната и убедлива победа над Хановер од 7:0 во саботата. Со постигнатиот хет-трик холандскиот репрезентативец Арјен Робен беше најзаслужен за високата победа. „Многу сум среќен. Речиси преку целата сезона се чувствувам добро и подготвен сум. И физички се чувствувам добро и затоа и можам да играм добро. Сето ова е забавно, но најважно е на крајот на сезоната да ја освоиме титулата“.

Fußball Bundesliga Felix Magath Schalke Trainer Flash-Galerie
Магат се надева на титула за ШалкеФотографија: AP

Ни Шалке не попушта во битката за титулата. Со победата од 3:1 над Борусија Менхенгладбах, екипата на Феликс Магат ги задржа шансите со кикс на Бајерн во последните три кола да стигне и до титулата. Дури и Магат беше необично офанзивен кога станува збор за шансите за титулата. „Откако ја видов нашата победа над Гладбах се’ посигурен сум дека можеме да станеме шампиони. И тоа ќе биде нашата цел во последните кола. Сметам дека со три победи нашите шанси за титулата ќе бидат големи“.

Продолжува падот на Бајер Леверкузен

Лидерот на табелата од есенскиот дел на првенството, Бајер Леверкузен по новиот пораз на гостувањето кај Штутгарт го загуби и третото место кое води во квалификациите за Лигата на шампионите. Тимот на Јуп Хејнкес по четвртиот едноподруго пораз на гостувањата падна на четвртото место.

Неговото место го презеде тимот на Вердер од Бремен. Во дербито на северот против актуелниот првак Волфсбург, Вердер однесе убедлива победа нагости со 4:2. Сепак, тренерот Томас Шаф веднаш ја прекина еуфоријата. „Нашата задача е да одработиме многу концентрирано недела за недела, натпревар по натпревар. Денеска можевме да видиме дека првото полувреме не го одигравме добро. Целта во вториот дел беше да одиграме подобро. Изгледот на табелата е добар но не е конечен“.

Од рака на Вердер му одеше и киксот на Борусија Дортмунд пред своите навивачи против Хофенхајм. Со победа Борусија ќе се искачеше на третата позиција, но одигра само 1:1. Тренерот Јирген Клоп беше разочаран. „Секако дека сме разочарани, но мораме да анализираме како одигравме. Мислам дека не беше добро. Можеме сега да зборуваме дека не успеавме да го сочуваме водството, но тоа е во празно. Јасно е дека понекогаш мора да победувате и со 1:0“.

Fußball Bundesliga Spieltag 31 Hamburg Mainz
Неговиот Хамбургер прокоцка шанса да се најде во врвот: Руд Ван НистелројФотографија: AP

И Хамбургер имаше можност со победа да се приклучи во битката за третото место на табелата, но неочекуваниот пораз од Мајнц со 0:1 на домашен терен се чини им стави крај на таквите шанси.

Шансите на Херта во доменот на теоријата

Во битката за опстанок се одиграа два клучни натпревари. Во директниот дуел, Фрајбург на домашен терен го совлада Нирнберг со 2:1. Сега овие два тима, заедно со Бохум кој во петокот загуби во Келн со 2:0, имаат по 28 бода и ќе водат жестока битка за опстанок. „Нашата судбина е да стравуваме до последната минута. Среќни сме што победивме. Сега имаме 28 поени, но се’ уште сме зад Нирнберг и Бохум. Се’ уште ништо не е решено и ни преостануваат уште три тешки натпревари. Следната недела некој друг ќе жали што не победил, но се надевам дека тоа нема да бидеме ние“, изјави тренерот на Фрајбург, Робин Дут.

Таква надеж се чини повеќе нема за тимот од Берлин. Херта во неделата одигра само нерешено 2:2 на гостувањето кај Ајнтрахт и сега заостанува цели 5 бода зад местото кое обезбедува опстанок.

Батон најбрз во Кина

Formel 1 China 2010 Rennen
Голема радост на возачите на Мекларен во КинаФотографија: AP

Актуелниот првак, британецот Џенсон Батон победи на кинеското Гран при што се возеше на пистата во Шангај. За целосен триумф на Мекларен се погрижи и нивниот втор возач, Луис Хамилтон кој успеа да извози до втората позиција. Причини за славје имаше и тимот на Мерцедес чиј возач Нико Розберг стигна до третата позиција. Со неговиот пласман, подиумот целосно им припадна на тимовите кои се натпреваруваат со мотори на Мерцедес. На четвртото место се пласираше Фернандо Алонзо на Ферари, пред Кубица и Фетел, кој стартуваше од пол позицијата. Седумкратниот светски првак Михаел Шумахер трката ја заврши како десетти.

Во генералниот пласман, сега Батон го презеде водството со 60 бода, пред Розберг кој има десет помалку.

Автор: БГ/СН/дв

Редактор: Александра Трајковска