1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајер: Македонија нема потреба од нови поддржувачи, треба да се отстранат блокадите

АТ/ макфакс19 мај 2012

Решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција не е услов за прием во ЕУ и НАТО, меѓутоа потребен е сигнал дека има сериозни намери земјите да преговараат, вели за Макфакс пратеникот во Бундестагот Петер Бајер.

https://p.dw.com/p/14ylI
Фотографија: Peter Beyer

„Проширувањето на НАТО не е на дневниот ред на самитот во Чикако. И покрај оправданите очекувања на Македонија да станете земја членка на НАТО, тоа овојпат веројатно нема да се случи“, вели во интервју за агенцијата Макфакс пратеникот во Бундестагот од пратеничката група на ЦДУ, Петер Бајер. „На сите ни е позната причината зошто пред четири години, април 2008 година, во Букурешт, Македонија не го доби саканиот статус. За жал, ситуацијата оттогаш не се сменила. На оваа земја не и' требаат поддржувачи, има доволно, туку земјата треба да работи на тоа да ги отстрани блокадите, причините поради коишто не може да стане земја членка“.

Конкретно за спорот за името меѓу Македонија и Грција Бајер нагласува дека е запознаен оти постои Времена спогоба меѓу двете земји од 1995 година, како и пресуда донесена од Меѓународниот суд во Хаг на крајот од 2011 година. 
„Да се најде решение за спорот со името не е услов за приемот на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тоа не е услов, не мора да се има решение за името за да се почнат преговорите. Знам дека Македонија долги години е земја со статус на кандидат за членство во ЕУ и ќе повторам дека решавањето на спорот со името не е услов за да се започнат преговорите. Меѓутоа, треба да се даде јасен сигнал дека има сериозни намери меѓу двете земји да преговараат за името и да најдат компромис, а не само да се бара алиби“, вели Бајер. Тој дополнува дека ЕУ нема да дозволи да се внесат билатерални спорови во Унијата, „тука мислам на спорот меѓу Косово и Србија или спорот што го имаат Грција и Македонија“. Бајер објаснува: „Значи тие спорови треба не да се решат целосно, туку да се најде начин да се започне со нивното решавање, а потоа пред приемот на овие земји што ги спомнав во ЕУ, да се решат конечно споровите. Значи да се дојде до еден компромис и тука ЕУ како партнер може да ја даде својата поддршка и да посредува во решавањето на тие спорови. Само тогаш Maкедонија конкретно може да стане членка на ЕУ“.