1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајер понижен од Барселона

8 март 2012

Лионел Меси постигна пет гола во победата на Барселона. Апоел на Иван Тричковски меѓу осумте најдобри во Европа по пенал-победата над Лион.

https://p.dw.com/p/14H16
Лионел МесиФотографија: dapd

Лионел Меси синоќа (07.03) уште еднаш на дело ја покажа својата неспорна класа. Најдобриот светски фудбалер постигна пет гола во реванш-дуелот од осминафиналето на Лигата на шампионите против германскиот Бајер Леверкузен. Конечните 7:1 беа највисока победа на Барселона во Лигата на шампионите и најтешкиот пораз на некогашниот финалист Бајер. Уште два гола за европскиот првак постигна Тељо, а почесниот погодок за Бајер го постигна резервистот Белараби во судиското продолжение.

Тимот на македонскиот фудбалски репрезентативец Иван Тричковски - АПОЕЛ, направи подвиг откако успеа да го елиминира фаворитот Олимпик Лион во осминафиналето и со тоа избори пласман во четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите.

Во Никозија синоќа на реванш осминафиналниот дуел АПОЕЛ преку Густаво Мандука дојде до водство од 1:0 што беше идентичен резултат по 90-те минути како и на првиот дуел. И по дополнителните 30 минути немаше победник , а во серијата пенали голманот на домашните Дионисис Киотис одбрани два пенала и АПОЕЛ со 4:3 славеше против фаворитот. Во серијата пенали прецизен беше и Иван Тричковски, кој во игра влезе во 74.минута.

Fussball Champions League APOEL Nikosia - Olympique Lyon
Фудбалерите на АпоелФотографија: dapd

Пласман во четвртфиналето досега имаат обезбедено Милан, Бенфика, АПОЕЛ и Барселона. Другите четири реванш осминафинални натпревари ќе се одиграат на 13 и 14 март: Бајерн Минхен– Базел (0:1 прв натпревар), Интер – Олимпик Марсеј (0:1), Челзи – Наполи (1:3) и Реал Мадрид – ЦСКА Москва (1:1).

Автор: БГ/миа

Редактор: Е.М. Фиданоска