1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беате Чепе - десната рака на терористичката НСУ

Марсел Фирстенау / Елизабета Милошевска Фиданоска10 јануари 2013

Судскиот процес против осомничената терористка на нацистичката група НСУ Беате Чепе треба да почне напролет. Обвинителството смета дека таа била соучесник во злосторствата, а нејзините адвокати тврдат дека не е така.

https://p.dw.com/p/17GyZ
Фотографија: Getty Images

Беате Чепе е во истражен затвор веќе 14 месеци. Околу обвиненијата што се покренати против неа, осомничената терористка досега молчи. Таа беше уапсена на 8 ноември 2011. година. Четири дена претходно, нејзините пријатели Уве Мундлос и Уве Бенхарт, се самоубија. Веројатно веќе не гледале можност да и‘ побегнат на полицијата, која им била зад петици. Неонацистите, кои заедно со Чепе заминале во илегала во 1998 година, се обвинети дека убиле девет лица со странски корени и една полициска службеничка.

Минатиот декември обвинителството подигна обвинение против единствената преживеана од НСУ, Беате Чепе. Таа, покрај серијата убиства мотивирани од омраза кон странци, се товари и за голем број бомбашки напади, грабежи на банки, тежок пожар и членство во терористичко здружение.

Сојузниот обвинител Харалд Ранге е убеден „дека таа била не само помошничка, или само придружничка, туку дејствувала на исто рамниште“. Ова обвинителот го изјави за магазинот „Шпигел“.

Адвокатите на Чепе му се спротивставуваат на обвинителот

NSU Trio
НСУ-триото: Уве Мундлос (л.), Беате Чепе и Уве Бенхарт (д.)Фотографија: dapd

Но, адвокатите на Чепе на тоа гледаат поинаку. Според медиумски извештаи, тие се спротивставуваат на обвинението дека нивната клиентка била соучесник. Во процесот ќе се преиспитува и обвинението за основање терористичко здружение, согласно параграфот 129а од Кривичниот закон. Предуслов за оваа точка од обвинението е тврдењето дека НСУ била основана од најмалку три лица. Одбраната на Чепе тврди дека тоа не е случај, затоа што таа не е учесник.

Обвинителот Ранге пак вели: „НСУ, според наше убедување, била група од три члена, која имала и неколкумина поддржувачи и помагачи.“

1200 сведоци и 6800 докази

Тврдењата на Ранге се резултат на една година интензивна истрага, која се опишува и како „Херкулесова работа“. На случајот работеа десетмина обвинители и повеќе од 400 службеници на Германската криминалистичка служба (БКА). Испрашани се околу 1200 сведоци и собрани околу 6800 докази.

Ruine der Wohnung der Zwickauer Terrorzelle
Урнатините на куќата во Цвикау, во која терористичкото трио живеело дискретно со годиниФотографија: DW

Најголемиот дел од доказите, според Ранге, се од урнатините на куќата во Цвикау, во која терористичкото трио живеело дискретно со години. Чепе ја кренала куќата во воздух пред да и‘ се предаде на полицијата. Во руината е пронајдена и видео снимката на НСУ во која осомничените убијци на морничав начин се фалат со своите дела.

Чепе, која е сместена во истражен затвор во Келн-Осендорф, во меѓувреме доби олеснети затворски услови. Нејзината одбрана во иднина со нејзе може да разговара „без стакло кое ги дели“, соопшти вчера (09.01) судот во Минхен. Освен тоа, писмата меѓу Чепе и нејзините адвокати веќе нема да подлежат на „содржинска контрола“.

Судот својата одлука ја образложи со тоа дека истрагата на обивнителството покажала оти НСУ по смртта на пријателите и соучесниците на Чепе, Мундлос и Бенхарт, „се растурила“. Оттука, веќе не се стравува дека Чепе „би работела за оваа групација од затвор“.