1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бебе во САД излекувано од ХИВ

БГ/макфакс4 март 2013

Американските научници тврдат дека излекувале дете заболено од вирусот ХИВ со терапија од стандардни лекови. Детето веќе една година не покажува симптоми на болеста.

https://p.dw.com/p/17phO
Фотографија: AIDS-Forschungsinstitut IrsiCaixa, Barcelona

Бебе од американската сојузна држава Мисисипи родено со вирусот ХИВ е излечено по третман со стандардни лекови, објавија во неделата американските научници, кои сметаат дека ова може да претставува пресвртен случај во лекувањето на најмладите пациенти заразени со овој смртоносен вирус.

Ова е прв случај на т.н. функционално излекување на новороденче, редок случај кога лицето постигнува ремисија без натамошна терапија и кога анализата на крвта покажува дека вирусот не се умножил.

Потребни се дополнителни тестови за да се утврди дали терапијата постигнува ист ефект и кај другите деца, но тој резултат веќе би можел да го промени начинот на лекување на високо ризичните бебиња и потенцијално да доведе до лекување на децата заболени од ХИВ, вирусот кој ја предизвикува СИДА-та

„Ова е доказ дека ХИВ-от кај децата може да се победи“, изјави д-р Денора Персуд, виролог од универзитетот Џон Хопкинс од Балтимор.

Приказната на бебето се разликува од познатиот случај на Тимоти Реј Браун т.н. берлински пациент, кој во 2007 година е излечен со лекови за леукемија со кои му беше уништен имунолошкиот систем, а потоа трансплантирани клетки од донор со ретка генетска мутација отпорна на вирусот на ХИВ.

За разлика од скапата терапија кај Браун, во случајот на бебето од Мисисипи користен е коктел од лесно достапни лекови со коишто веќе се лекуваат деца заразени од ХИВ.