1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бебе го преживеало падот на зградата во Мумбаи

ЖА/дв/дпа/ртре27 септември 2013

Во Индија повторно се случи пад на повеќекатница, под чии урнатини загинаа пет лица, а се затрупани десетици луѓе. Спасувачите извлекоа живо бебе. Во регионот во минатите месеци имаше веќе вакви инциденти.

https://p.dw.com/p/19pQw
Фотографија: Reuters

Петкатна станбена зграда се урна денеска во индискиот финансиски центар Мумбаи, оставајќи под урнатините десетици лица, соопштија спасувачките екипи. Според локалните медиуми, досега се пронајдени телата на петмина загинати, а тимовите успеале да спасат 27 повредени. Зградата се урнала рано утринава непосредно пред разденување.

Претставник на градската управа на Мумбаи соопшти дека во зградата живееле вработени во локалната самоуправа и членови на нивните семејства, кон кои било апелирано да се иселат од зградата пред повеќе месеци.

„Зградата е стара 30-тина години. Побаравме од нејзините станари да се иселат од неа уште во април“, но тие досега не го сторија тоа, изјави претставникот на локалните власти, без да прецизира зошто било побарано од станарите да се иселат од зградата.

Ова е втор ваков случај во Мумбаи годинава. Во јуни се урна трикатна зграда, при што загинаа десет лица. Уривањето на загради во Индија е честа појава, бидејќи поради големата побарувачка на станови во индиски градови, кои забрзано се развиваат, но и поради раширената корупција градежните фирми честопати користат неквалитетни материјали или градат повеќе катови од одобреното.