1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегство на германските студенти на исток

Јорданка Јорданова / Елизабета М. Фиданоска24 јануари 2014

Многу млади Германци гледаат во насока на Источна и Југоисточна Европа. Земји како Бугарија и Романија им нудат последна шанса за остварување на нивните соништа - да студираат медицина, без нумерус клаузус и без чекање.

https://p.dw.com/p/1AwXT
Фотографија: Fotolia/Alexander Raths

Во германските болници работат многу лекари од Источна Европа - од Бугарија, Романија или Полска. Тоа во меѓувреме веќе не е ништо особено, туку е нешто што се подразбира само по себе, зашто Германија има голем потреба од лекари и нуди многу подобри услови за работа од трите источноевропски земји. Освен тоа, медицинарите од Источна Европа во Германија се на добар глас. Нивното образование, според меѓународни стандарди, важи за многу добро, иако болниците и образовните институции не располагаат со најновите медицински апарати и техника.

Квалитетот на медицинското образование во Источна Еврпа им е познат и на Германците кои сакаат да студираат медицина. Во последните години студирањето медицина во посиромашните земји на ЕУ стана речиси тренд. Не е ниту чудо, ако се знае дека условите на германските универзитети се многу строги, а на источноевропските универзитети нема ограничување на бројот на студенти или долго чекање на место за студирање За да се студира медицина во Германија мора да се има просек од 1,2 - екстремно висок нумерус клаузус. На едно место за студирање доаѓаат по петмина кандидати. „На некои универзитети дури и просек од 1,2 не е доволен. Оној што има просек од 1,5 или 1,6 нема никаква шанса да студира медицина во Германија. Сепак, имаме голем недостиг од лекари“, вели Хендрик Лол, раководител на фирмата StudiMed.

Студирање онаму каде што другите одмораат

Лол го препознал проблемот со студиите по медицина во Германија. Фирмата на овој 22-годишник е посредничка, односно на младите Германци им овозможува да студираат во Источна Европа. Заинтересирани има доволно. Од почетокот на годинава речиси 1500 заинтересирани побарале информации од StudiMed за студирање во Источна Европа. „Одлуката за место за студии не ја носиме ние, туку одделните универзитети, но ние отприлика знаеме по кои критериуми универзитетите го вршат изборот. Тоа е причината зошто досега на секој заинтересиран му имаме обезбедено место за студирање“, објаснува гордо Хендрик Лол.

Frau Wissenschaft Mikroskop Fotolia
Болниците и образовните институции во Источна Европа не располагаат со најнова техника, но студентите добиваат добро образованиеФотографија: WavebreakmediaMicro/Fotolia

Тој посредува при добивање место за студирање медицина на универзитети во Бугарија,Романија, Литванија, Хрватска и Словачка. Неговата фирма има определен контингент места на универзитетите. Јазикот на студирање е англиски. „Студирајте онаму каде што другите одмораат“ - со ваков слоган младиот претприемач привлекува муштерии и избира места како што се Варна на Црното Море или Сплит на Јадранското Море.

Претпријатието има соработници на лице место кои им даваат поддршка на студентите при барањето стан, или при отворање сметка во банка. Сервисот има своја цена. Претпријатието наплаќа годишна такса како провизија за посредување. Провизијата може да изнесува до 10.000 евра. „Затоа, најголем дел од нашите муштерии се деца на лекари“, објаснува Лол.

Студиите во странство како отскочна штица

За многу Германци студирањето во странство е само отскочна штица за почеток на студии. Тие сакаат по втората или третата година да се запишат на германски универзитет, иако нема гаранција дека би добиле место за студирање.

Symbolbild Studieren lernen Bildung Studenten Studium
За почеток во Источна Европа, а потоа повторно на студии во Германија?Фотографија: Fotolia

И Симон Бониц од Регенсбург размислува за можноста за продолжување на студиите во Германија. Тој е бруцош на универзитетот во Клуј, Романија. Местото за студирање го нашол преку романска фирма. „По завршувањето сакам да се вратам назад во Германија. Може и претходно да се промени, но не знам дали го сакам тоа. Овде ми се допаѓа. Мислам дека до крајот ќе студирам во Клуј.“

Симон Бониц не е загрижен околу барањето работа, зашто неговата диплома ќе биде призната во рамки на ЕУ.