1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегство од огнот преку море

ЕМФ/дв5 јануари 2013

Големи делови од јужна Австралија и островото Тасманија се зафатени од пожари предизвикани од пеколни температури од над 40 степени Целзиусови.

https://p.dw.com/p/17EY1
Фотографија: Reuters

Стотици жители и туристи на островот Тасманија побегнаа од пожарите преку море. Особено погодено е местото Даналеј, на околу 60 километри јужно од главниот град на островот, Хобарт, како и неколку други рибарски места во околината. Изгореа најмалку стотина куќи, а околу илјада луѓе со брод се пренесени во Хобарт. Илјадници други, меѓу кои и 700 туристи во Порт Артур, се‘ уште се опколени од пожарите. Во некои места од огнот се пресечени патиштата за бегство.

„Небото беше црвено“, изјави жител од регионот кој успеа со чамец да побегне од огнената стихија. „Гореше директно до линијата на морето, беше неверојатно“, им изјави тој на новинарите.

Пожари беснеат и во други делови на јужна Австралија. Погодени се сојузните држави Викторија, Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и Квинсланд.

Температурите во некои делови од земјата се највисоки откако е почнато мерењето на температурата пред 120 години. Во Хобарт, на Тасманија, температурата се искачи на 41,8 степени, а во Вудина во јужна Австралија таа изнесува дури 47 степени.

Опасноста од ширење на пожарите е огромна, поради тоа што темепературите остануваат високи, а ветрот во некои делови од земјата е исто така силен.