1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беер: стабилноста на Западен Балкан е обврска на ЕУ

9 април 2009

Европарламентарката А. Беер во Скопје се сретна со претседателот Б. Црвенковски и неколкумина парламентарци. Беер порача дека ЕУ има обврска да го продолжи проширувањето, но и Македонија мора да продолжи со реформите.

https://p.dw.com/p/HTwF
Европарламентарката Ангелика Беер

„Стабилноста на Западен Балкан е обврска на Европската унија и затоа интеграцијата треба да продолжи. Македонија ја заврши својата домашна задача, сега тоа треба да го стори Унијата.“ Оваа оптимистичка порака во Скопје ја донесе еропратеничката Ангелика Беер. Оваа германска политичарка член на Европскиот парламент од партијата на Зелените е стар и докажан лобист за Македонија. Денеска таа имаше средба со шефот на државата, Бранко Црвенковски и со македонските парламентарци. Вели дека ЕУ, согласно последниот извештај на Европскиот парламент, има одговорност и оврска да го продолжи процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан.

Според Беер спорот за името со Грција не би требало да ја закочи евроинтеграцијата на Македонија, но и земјата има обврска да ги интензивира реформите: „Прашањето за името според наше гледање не е пречка за добивање датум за преговорите за членство, бидејќи постои договор од пред десет години меѓу Македонија и Грција. Но, сите знаат дека ние, односно вие треба да најдете некаков компромис. Сега по изборите е вистински период за тоа, а имате огромна поддршка од Европскиот парламент бидејќи ние таму не го прифаќаме прашањето за името како пречка за почеток на преговорите“, кажа пратеничката во Европскиот парламент.

Голем лобист за Македонија

Ангелика Беер има средби со претседателката на советот за евроитеграции Радмила Шекеринска и со претседателот на комитетот за надворешна политика Петар Поп Арсов. За Шекеринска е задоволство секоја средба со овој голем македонски лобист.

„Лобира и во Европскиот парламент, би рекла и во Германија, и помеѓу своите партиски колеги. Мислам дека средбата не е изненадување, изненадување е што се реализира во период кога Европскиот парламент практично целосно е повлечен во своите изборни единици,“ рече Шекеринска.

Кабинетот на претседателот соопшти дека Европарламентарката Беер на средбата со Црвенковски изразила задоволство што изборите во Македонија беа успешни и минаа во мирна атмосфера, што беше едно од основните барања и очекувања на ЕУ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска