1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна

Свето Тоевски16 декември 2007

Нема компромис со криминалот и корупцијата,секогаш кога ќе има нови докази ќе следат активности против оние што се нашле на другата страна на законот-интервју со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска

https://p.dw.com/p/CcJm
Јанкуловска:Нема отстапки за прекршителите на законитеФотографија: Petar Stojanovski

Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права на РМ смета дека МВР организира медиумски спектакли со приведувањата во акцијата „Змиско око“, повредувајќи го принципот на презумпцијата на невиност кај приведените и притворените?

Јас гарантирам најодговорно дека нема да најдете полициски извештај, објавен во јавноста од страна на Министерството за внатрешни работи, каде што се открива идентитетот на приведени и осомничени лица, затоа што судот е оној кој одлучува за вината и ја одмерува казната. Сепак, кога зборуваме за начинот на пренесување на информациите во јавноста, тоа е прашање на уредувачката политика на одредени медиуми и тоа, навистина, не е предмет на работа, ниту е предмет на влијание на полицијата.

Дали реформата на полицијата запна на првиот чекор, при изборот на командирите на локалните полициски станици? ДУИ ви порача дека нивните градоначалници и Советите на општините, каде што имаат мнозинство, нема да го вршат изборот на локалните полициски командири?

Досега се избрани командири на полициските станици во повеќе од 50 отсто за полициските станици од општа надлежност, значи, 20 – тина се избрани. Останува да се изберат уште точно 18. Онаму каде што Советите нема да изберат командири во првиот круг ќе одиме со дополнителни консултации и со нов предлог, по однос на кој Советите на општините ќе се изјаснат.

Дали МВР, односно Владата, ќе прифатат измени во подзаконските акти, за да имаат Советите на општините право да ги избираат, но и да ги разрешуваат командирите на полициските станици, што го бара ДУИ?

Единствен критериум според кој се избираат и се разрешуваат раководните службеници во МВР е критериумот на квалитет. Никакво друго влијание по ниедна основа, независно дали доаѓа од опозициона партија или од партија од владејачката коалиција, не може да биде пресудно за назначување, или за разрешување на раководните структури во МВР.

Реформата на полицијата – со добро темпо

Како се одвива примената на Законот за реформа на полицијата и во другите области?

Реформата на полицијата се одвива согласно со акциониот план и јас сум задоволна од текот на реформите во изминативе 12 месеци. Направивме промени во делот на односи со граѓаните, во делот на управните служби. Внесовме новини во делот на надѕор на државната граница. Ги унапредуваме методите за работа на полицијата во Бирото за јавна безбедност и уште повеќе во оној дел за кој се зборува малку: Управата за безбедност и контраразузнавање.

Каква е оценката за моментната безбедносна ситуација во Македонија?

Актуелната безбедносна ситуација во Република Македонија е стабилна и мирна. Сепак, во контекст на регионалните случувања, со посебен акцент на случувањата на Косово, безбедносните служби на РМ ги следат внимателно сите безбедносни индикатори, се со цел: ако се јави потреба во перспектива, да можеме да реагираме соодветно. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, но, наша цел е стабилна и мирна безбедносна состојба во Република Македонија и тоа го правиме успешно сега.