1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безвизниот режим не е загрозен, меѓутоа...

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски10 април 2013

Безвизниот режим за граѓаните на Западниот Балкан во овој момент не е загрозен, но усвојувањето на предлогот за суспензија на безвизниот режим и натаму се наоѓа во европска процедура и кога-тогаш ќе се оствари.

https://p.dw.com/p/18Cxt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во комисијата на Европскиот парламент надлежна за правосудство, внатрешни прашања и слобода на граѓаните, се гласаше за предлогот на Еврокомисијата за воведување на суспензија на безвизниот режим за Западен Балкан. „Во прашање се чувствителни преговори кои се однесуваат на правото на луѓето на слободно движење“, порачуваат од Европскиот парламент и повикуваат на враќање на преговорите на почеток: „Тоа во принцип значи дека засега нема да имаме механизам за привремена суспензија на визите. Барем не толку бргу. Но преговорите продолжуваат и овој текст во еден момент сигурно ќе биде усвоен“, вели за Дојче Веле известувачката на ЕП за визната либерализација, Тања Фајон.

Западниот Балкан и натаму без визи

ЕУ уште некое време нема да  биде во можност привремено да го суспендира безвизниот режим за земјите од Западен Балкан. Од Европскиот парламент предупредуваат на негативните и алармантни бројки кои се однесуваат на оние кои доаѓаат од регионот на Западен Балкан и во земјите од Шенген бараат политички азил. Од Иницијативата за европска стабилност (ЕСИ) нагласуваат дека токму претходната година била најлоша од воведувањето на безвизниот режим според бројот на пристигнати барања за азил. „Во однос на 2010 година кога таа бројка изнесуваше 25.000, минатата година таа се зголеми на 43.000“, вели за ДВ, Александра Штајгелмајер од ЕСИ.

Tanja Fajon, Mitglied des EU-Parlaments
Тања ФајонФотографија: DW/Alen Legovic

„Земјите како  Германија, Шведска, Холандија и Белгија и натаму се под најголем товар од приливот на азиланти од Балкан и затоа тие земји и бараат што побргу да се усвои механизмот за суспензија на безвизниот режим“, објаснува Тања Фајон и додава:

„Во секој случај тој механизам ќе се усвои. Но денес или утре безвизниот режим не е во опасност. Тоа не значи дека нема да биде за неколку месеци. Поради тоа би требало да се работи на спречување на тоа, која било земја да дојде во ситуација повторно да мора да воведе визи за граѓаните од овие земји.“

И натаму најмногу барања за азил од Србија и Македонија

Чекајќи ги најновите податоци од Фронтех (Европска агенција за координација на заштитата на надворешните граници) бројките од минатата година покажуваат дека и натаму најмногу барања за азил доаѓаат од Србија и од Македонија:

„Во прашање се најчесто припадници на малцинставата. Исто е алармантен бројот и за БиХ. Но сепак тие бројки се во опаѓање“, вели Фајон. Таа нагласува оти е неопходно земјите членки на Шенген, како Германија или Шведска, кои имаат флексибилни системи за азил, кои овозможуваат на т.н. лажни азиланти и по половина година да поминат во процедура и испитување на барањата, при што им е осигурано сместување, здравствена заштита, образование, па дури и паричен надоместок, и самите да преземат нешто по тоа прашање: „Наша препорака е земјите членки на ЕУ кои имаат долготрајни процедури за азил да ја скратат постапката за граѓаните од Западен Балкан за да се намали и прекршувањето на слободата на движење“, заклучува Фајон во разговорот за ДВ.

Таа потсетува дека визната либерализација била опиплив чекор напред на патот кон евроинтеграција на Западен Балкан, како и дека суспензијата на безвизниот режим би била тежок удар за петте земји од регионот, но и за слободата на движење.