1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безвизниот режим пред искушенија

Марина Максимовиќ/Симе Недевски7 октомври 2012

Додека некои земји од ЕУ, поради барателите на азил од Македонија и Србија бараат привремено укинување на безвизниот режим, стручњаците велат дека клучот е во менувањето на процедурата во самите членки на Шенген зоната.

https://p.dw.com/p/16Lry
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предлогот на баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман и претседателот на Одборот за внатрешни прашања на Бундестагот, за разгледување на привремено укинување на безвизниот режим за граѓаните на Србија и на Македонија, има своја важност, но важно е да се нагласи и тоа дека ни Германија, ниту која било друга земја од Шенген, не може унилатерално да воведе визни барања. Во ЕУ визната политика се спроведува на европско ниво, а во конкретниот случај би била потребна долга процедура: „И прашање е дали би била успешна. Таа би ја опфатила Европската комисија, која прво мора да излезе со предлог за повторно воведување визен режим за Србија и за Македонија. Потоа е потребно за тоа да бидат и повеќето во Европскиот парламент (кој важи за „добар пријател“ на безвизниот режим), а и земјите членки би требале да гласаат. Во овој момент не постојат индикации дека некој би сакал да види ваква иницијатива во Брисел“, оценува за Дојче веле директорката на програмата „Бела Шенген листа“ во Европската иницијатива за стабилност Александра Штиглмајер.

Plenarsaal Parlament Strasbourg
Европарламентот е пријателски настроен кон безвизниот режимФотографија: picture-alliance/dpa

Како да се спречат, а да не се дискриминираат потенцијалните азиланти?

Европската комисија во мај минатата година излезе со предлог земјите-членки да можат да го суспендираат безвизен режим во одредени случаи, меѓу останатото и во случај на голем прилив барателина азил. Овој предлог, според зборовите на Штиглмајер, е „закочен“ поради несогласувањето на земјите-членки и Европскиот парламент. Усвојувањето на т.н. „клаузула за суспензија“, до која ќе дојде порано или подоцна, би овозможило привремено воведување на визен режим, но само во случај ако бројот на баратели на азил од Србија и од Македенија би се зголемил во иднина, што е ново прашање. „За сега бројот на баратели на азил има тенденција на опаѓање. Тоа би можело да оди и побрзо, но секако оди надолу, а не нагоре“, наведува Штиглмајер.

Србија по воведувањето на безвизниот режим се наоѓа, покрај Авганистан, Пакистан, Русија и Ирак, меѓу водечките земји по број на баратели на азил во ЕУ. Тој број од 17.700 се намалил на 14.000 минатата година. Иако од ЕУ доаѓаат повици на поголемо ангажирање на домашните власти, во Европската иницијатива за стабилност кажуваат дека земјите членки се свесни дека Србија и Македонија можат навистина малку да сторат. „Во прашање се главно Роми кои доаѓаат во ЕУ да бараат азил и не е реално да се очекува дека Србија и Македонија можат да ги запрат на своите граници, бидејќи тогаш би била во прашање етничката дискриминација“, објаснува Штиглмајер.

Со азил до “презимување“ во Германија

Главно есенските месеци се оние кои до сега е покажале како „предизвикувачи“ за поголем прилив за барања за азил, бидејќи за многу сиромашни тоа е најдобриот начин, додека се одлучува за нивното барање, да ја поминат зимата во некој од прифатните центри во земијте на ЕУ, со обезбедено сместување, храна и здравствена заштита. Она што би требало да биде напраено е самите земји-членки на ЕУ да ја намалат процедурата за проценка на барањето за азил, која некаде трае и повеќе месеци. Австрија, во која за одговор на барањето за азил се чека само една недела, никогаш немала проблем со т.н. лажни азиланти.

Mazedonisch
Двајца баратели на азил во Германија од МакедонијаФотографија: Silvera Padori-Klenke

Белгија, Луксембург и Швајцарија веќе работат на скратување на својата процедура. „Би било паметно тоа да го направи и Германија, а тоа е она што министерот од Баварија и го предложи. Можеби предложените 48 часа се прекратки, но 5 дена е реална рамка. Тогаш не би постоела опцијата ’презимување во Германија’ и луѓето би престанале да го прават тоа“, заклучува Штиглмајер.

Во годинешниот извештај на Евростат се наведува дека во земјите на ЕУ престојуваат околу 20 милиони државјани од трети земји, што е околу 4 проценти од вкупното население. Во исто време, извештајот покажува дека и покрај барањата на неколку земји повторно да се воведат гранични контроли во рамките на Шенген зоната поради зголемениот прилив на странци, убедливо мнозинство Европејци (67 проценти) не би прифатиле ваква мерка, додека 42 проценти сметаат дека на странците треба да им се олесни населувањето во ЕУ за да се поправат лошите демографски трендови.