1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безрезервна подршка од Шредер: Хрватска колку што е можно побргу во ЕУ!

30 октомври 2003
https://p.dw.com/p/AcSS

Германскиот канцелар Герхард Шредер денеска беше во Загреб каде разговараше со претседателот на Хрватска Стипе Месиќ и со премиерот Ивица Рачан. Тежишна тема - желбата на Хрватска веќе во наредната година да започнат преговори за нејзино пристапување кон ЕУ. Канцеларот им даде полна поддршка на стремежите на Хрватска, оценувајќи притоа дека има впечаток оти таа земја во исполнувањето на условите за прием не заостанува зад Бугарија и Романија, кои треба да станат членки на Унијата во 2007-ма година. Притоа, Шредер аргументира:
"Под раководство на премиерот Рачан Хрватска стана упориште на стабилност во овој регион и тоа не е важно само за оваа земја, не е само за регионот, туку тоа е важно и за цела Европа. Понатаму, стабилизацијата на демократскиот развој и економските реформи, започнати и во големи делови реализирани под раководство на премиерот Рачан, во прв ред секако се важни за доброто на земјата и на нејзините граѓани, но се и предуслов за тоа, соработката на пример меѓу Германија и Хрватска на економски план да биде се' поблиска, поголема и поуспешна", рече Шредер.
Хрватскиот премиер Ивица Рачан му искажа благодарност на Шредер за безрезервната поддршка: "Ја искористив можноста да му се заблагодарам на канцеларот за големата поддршка од Сојузна Република Германија за Хрватска и нејзините стремежи за пристап кон ЕУ. Нагласив и дека поддршката од нашите пријатели од Германија е од посебно големо значење за нас на нашиот пат кон Европа".
За канцеларот не се покажува како проблем во хрватските амбиции за влез во ЕУ неизрачувањето на хрватскиот генерал Анте Готовина на судот во Ден Хаг. Според Рачан, во разговорите станало збор и за реформите во обете земји и притоа го пренесе укажувањето од гостинот од Германија - реформите се тешки, тие се непопуларни, но на крајот сепак се исплатат.
Германскиот канцелар гледа можности за натамошно проширување на билатералните трговски односи, а шанси за тоа нуди и новооснованата германско-хрватска трговска комора.
Инаку, организацијата за човекови права Друштво за загрозени народи денеска излезе со критика дека Хрватска неги почитува човековите права на Србите. Како што рече генералниот секретар на Друштвото Тилман Цилх, Хрватска не треба да биде примена во ЕУ се' додека ги прекршува правата на Србите и не дозволува враќање на бегалците.