1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безуспешни преговори - неизвесна иднина

АТ/ дпа/афп/ртр16 февруари 2014

Женевската дипломатија за крај на граѓанската војна во Сирија засега потфрли. Сега ОН со САД и Русија мора да бараат решенија. Ако не се случи ништо, убивањето ќе продолжи.

https://p.dw.com/p/1B9wX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако втората рунда мировни преговори за Сирија во Женева заврши без конкретен резултат, меѓународниот специјален пратеник за Сирија Лахдар Брахими за тоа им се извини на луѓето во Сирија. Нивните надежи за мировно решение се изневерени, вели дипломатот.

Според последните информации во речиси тригодишната граѓанска војна околу 140.000 луѓе го загубиле животот. Исто така ниту мировните преговори во Женева не донесоа намалување на страдањата - напротив: според податоците на Сириската опсерваторија за човекови права крвопролевањето уште повеќе се засилило од почетокот на прговорите. Меѓународниот Црвен крст им префрли на владата и опозицијата дека сѐ уште ги игнорираат основните човекови права.

Токму поради тоа американскиот претседател Барак Обама и натаму притиска за подобра хуманитарна поддршка за населението кое страда. Вашингтон со ОН „агресивно“ работи на тоа жртвите од граѓанската војна да добијат пристап до хуманитарна помош, рече Обама при средбата со кралот Абдула Втори во Калифорнија: „Истовремено и двајцата согледуваме дека не можеме да ги третираме само симптомите“, дополни Обама. „Ние исто така мораме да го решиме основниот проблем - режимот предводен од Асад, кој има малку интерес за добробитта на својот народ“.

Претседателот Асад напаѓа цивили на најлош начин. „Потребен е политички премин во регионот“, побара Обама.

САД, кои ја поддржуваат сириската опозиција, бараат од сирискиот сојузник Русија, да изврши поголем притисок врз Асад. Набљудувачи оценуваат дека само овие две светски сили, кои не се единствени по сириското прашање, можат да ја решат блокадата.

Брахими сега има намера да разговара со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и со САД и Русија за натамошно постапување во Сирија.