1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без гарантирани количества - нема пробив на германскиот пазар!

Силвера Падори-Кленке8 февруари 2014

Македонските производители и извозници на овошје и зеленчук кои се претставија на „Фрут логистика“ се задоволни од ефектите од берлинскиот саем. Производите, велат имаат квалитет, но и натаму проблем се - количествата!

https://p.dw.com/p/1B34o
Фотографија: DW

Во текот на ланскиот саем „Фрут логистика“ во Берлин, десеттината македонски фирми кои се претставувале склучиле договори за извоз со нови деловни партнери од Европа, во висина од 4,6 милиони евра. Дали ова ќе се повтори во 2014, македонските производители и извозници кои неделава беа дел од берлинскиот саем „Фрут логистика“ (05.-07. февруари) не сакаа да прогнозираат! Но, јасно преку три факти ја оквалификуваа состојбата во производството и извозот на зеленчук и овошје. Најпрво, констатираа дека ваквото претставување го поттикнува и зголемува извозот. Потоа, дека со квалитетот македонските производи се конкурентни на европските пазари, но и дека има уште многу да се сработи за пробив на пазарот во Германија. Ова за Дојче веле го потврдија претставниците на традиционално присутните фирми на „Фрут логистика“ - БАЏО, Туран, Ксенос, но и Жито Велес и холдингот ПЕРМИНДЕКС од Градско кои минатата година имале берлинска премиера .

Присутност на големите европски пазари

Ристо Данаилов од БАЏО и Виктор Туранов од Туран (двете фирми од Богданци) велат дека нивната редовна презентација сама по себе потврдува дека доаѓањето во Берлин се исплатува. Данаилов кажува дека од година во година бројот на договорите и извозот се зголемуваат и во Берлин се среќаваат со своите деловни партнери од Украина, Русија, Чешка, Хрватска, Словенија. Соработка има со многу држави, но не и со Германија. ДВ прашува: зошто и по толку години овој пазар останува затворен?
„Не се проблем стандардите, туку пласирањето одредени количествата производи континуирано во конкретен период од годината. За ова би требало да се има договор со некој од големите супермаркети. Меѓутоа, доколку се склучи таков договор, тоа значи дека нема можност за каква било флексибилност, па ако не се испорача договореното количество, независно поради какви причини, се плаќаат пенали. Јас можам за мојата фирма да кажам дека сме на добар пат да го освоиме и овој пазар. Веќе имаме контакти, па ќе видиме. Но, сега за сега добро се снаоѓаме и со пласманот во Полска, Русија, Украјна, Србија“, кажува Ристо Данаилов од БАЏО.
И Виктор Туранов потврдува дека по 9 години редовно присуство на „Фрут логистика“ се чувствува подобрување на извозот .
„Се склучуваат нови и нови договори, и што е уште поважно - може да видиме што и како работат другите. Иако извезуваме во Полска, Чешка и многу земји кои ја обиколуваат Германија, тука се' уште не можеме да се пробиеме зашто според мене проблем е и амбалажата и дел од дициплината околу сортирањето на производите. Можеби е во прашање и тоа што Македонија не е во ЕУ?“, коментира Туранов.
И Никола Цветановски од КСЕНОС од Демир Хисар , фирма која 21 година се занимава пласман на свежо овошје и печурки и нивните преработки забележува дека тешко е да се пробие германскиот пазар. За нив квалитетот не е спорен, зашто како вели 95 отсто од целокупното производство со години се извезува во Франција, Италија и Швајцарија. Но, Германија останува и натаму затворена.

Инвестирање во постбербените активности

Забелешката дека Македонија не може да се пробие на германскиот пазар пред се' поради неадекватните количества ја потврдува и Никола Деребанов, прв човек на холдингот ПЕРМИНДЕКС од Градско, кој управува со двата земјоделски комбината Вардар од Градско и Црвени брегови од Неготино. Праски, трпезно грозје, раноградинарски производи се извезуват во Русија, Белорусија, Украина .
„Германија бара прво квалитет, но и адекватни пост-бербени активности: калибрирање, контрола на квалитетот, сортирање. Признале или не во овој дел не сме зрели како држава. Не постои ниту еден производител во Македонија кој би можел договорените количества од некој производ да ги снабди, преработи, спакува и пласира секако со бараниот континуитет“, смета Деребанов. Тој подвлекува дека многу работи се подобрени споредено со порано, но треба уште да се работи. Државата нуди бенефиции на инвеститорите кои би вложиле во дистрибутивни центри преку кои проблемот би се надминал. И ПЕРМИНДЕКС работи на проект за изградба на таков дистрибутивен центар преку кој би можело во подолг временски период од годината да се нуди континуирано на пример - праска.
„Затоа велам дека треба поголемо здружување на производителите. Со тоа ќе може некоја компанија да биде интерсна, да има поголеми количества. Ако би се здружиле одредени производители на праски кои имаат компатибилни сорти кои зреат во различен период, би можело истите и да се понудат. Но, тоа мора да биде организирано преку овие откупно дистрибутивни центри“, коментира Деребанов.
И Жарко Ѓошевски, прв човек на Жито од Велес, чија прва дејност е трговијата, а втора производството на овошје и лозови насади, е категоричен дека вистински клуч за „отворање“ на германскиот пазар навистина се количините кои може да се обезбедат доколку има добра организираност. Жито Велес е „млад“ производител. Најстарите садници се од 2008 година, што значи допрва треба да се почувствуваат ефектите. Плановите на Ѓошевски се за наредните 2 до 3 години да инвестира во погони за откуп и преработка на овошје и зеленчук.
„Количествата апсолутно нема да се проблем доколку се има сериозен германски партнер. Имам амбициозни планови. Фирмата е најголем производител на круши, а годинава ќе имаме насади на уште нови 9 хектари. Мислам дека неподготвеноста на нашите производители за прифаќање на поголеми количества се должи пред сѐ на незнаењето што се' има во светот. Признавам и јас не знаев додека не видов. Идејата ја добив лани кога во Берлин видов какви се' машини има за преработка и паковање. Целта ми е сопственото производство да го замрзнам, сушам и пакувам и како таков производ и да го извезувам за германските супермаркети“, планира Жарко Ѓошевски.

Забелешки на увозниците

Од десеттината присутни фирми во Берлин, само Гоце Делчев - Тиквеш од Кавадарци во моментов има активен извоз во Германија. Како вели Јорданчо Ѓорчев, фирмата е нова и годинава за првпат во Германија се извезува наливно вино. Фирмата има двегодишен договор со „Едека“ и “ Рајнберг“ за откуп на 2,7 милиони тони наливно вино. Едека и Рајнберг виното го флашираат и го продаваат во супермаркетите под името „Македонско црвено“ и „Македонско розе“. Што се однесува до трпезното грозје за квалитетот и унифицираноста нема проблеми. Останува само да се подобри паковањето!
Проблемите околу амбалажата ги наведува и Кемал Јаша, трговец од Келн кој купува јаболка и компири од Македонија и ги пласира во Турција и Ирак. Вели има добра соработка со „Таркан“ Агрофрут од Ресен. Јаболката се со солиден квалитет, но вели дека проблем што се повторува е лошиот квалитет на амбалажата.
Маркус Шмит од Дортмунд, пак, кој од цела Европа увезува овошје за мали супермаркети забележува дека квалитетот на македонските продукти во однос на примената на заштитните хемикалии е на ниво на европските прописи. Сите го поседуваат европскиот „глобал серификат“. Но, за пробив на германскиот пазар каде силно се присутни Шпанија, Италија, Франција, Холандија потребно е повеќе - вистинско обединување на македонските производители и заеднички настап.
„Македонија е мала земја. Количествата се неконкурентни и затоа е потребна концентрација на преработувачите најмногу на четири-пет производи. На пример праските, лубениците, доматите, грозјето и шумските плодови. И толку. Само со добар избор и количини Македонија ќе може да е интересна за германските трговци“ е проценката на Шмит.

Mazedonien und Fruit Logistica
Сопственото производство да се суши, замрзнува, пакова и извезува - е целта на Жарко Ѓошевски.Фотографија: DW/Silvera Padori - Klenke
Mazedonien und Fruit Logistica ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT
Германија бара квалитет и адекватни пост-бербени активности за кои не сме зрели како држава! Никола ДеребановФотографија: DW/Silvera Padori - Klenke
Mazedonien und Fruit Logistica ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT
Договорите со големите германски супермаркети не дозволуваат флексибилност. Ристо ДанаиловФотографија: DW/Silvera Padori - Klenke