1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без големи изненадувања во Чикаго!

Силвера Падори-Кленке26 април 2012

Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во Берлин се сретна со членовите на Комисијата за одбрана во Бундестагот. Сузане Кастнер, нејзин претседавач, смета-и без членство, Македонија може да соработува со НАТО.

https://p.dw.com/p/14lRd
Фотографија: Fotolia

„Во Чикаго ќе се дискутира за соработката меѓу партнерите, за буџетите... Не верувам дека Чикаго ќе донесе големи изненадувања околу членството на Македонија, но верувам во натамошна позасилена и подобра заедничка соработка“, изајави за ДВ др. Сузане Кастнер, пратеник од СПД и претседавач со Комисијата за одбрана на Бундестагот. Таа попладнево беше домаќин на македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими кој во Бундестагот имаше разговори со претставници на Комисијата за одбрана.

Пратеничката Кастнер истакна дека во едночасовниот разговор кој минал мошне пријателски тема била „со право очекуваното членство на Македонија во НАТО“.

„Ние објаснивме дека спорот за името со Грција мора прво да се расчисти, но и покрај грчкото вето може партнерски да се соработува“, вели Кастнер дополнувајќи дека мора да се разговара за надминување на спорот зашто поради грчкото вето Македонија нема да може да стане членка во Алијансата. Инаку, таа е задоволна што како што пренел министерот Бесими, интензивно се работи за решение на спорот за името.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Македонскиот министер за одбрана Фатмир БесимиФотографија: M.I.

Инге Хегел (од Партијата на левицата) по средбата со министерот Бесими ни изјави дека нејзината партија гледа многу критички на НАТО.

„Затоа и договорот за членство не го поддржуваме зашто сметаме дека во Македонија требаат пари за решавање на проблемите какви што се сиромаштијата, невработеноста, а не да се вложува во скапото НАТО- членство и војската. Сметаме дека овие пари треба да се дадат во вистински интерес на граѓаните“, смета Хегел која дополни дека Левицата инаку смета дека Македонија треба да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, а спорот за името мора да се реши.

На средбата на министерот Бесими со претставниците на Комисијата за одбрана во чиј состав се над 30 пратеници, присуствуваа само тројца члена: претседателот Сузане Кастнер, Михаел Брант од ЦДУ-ЦСУ и Инге Хегел од Партијата на левицата. Попладнево министерпот Бесими, во отсуство на неговиот ресорен колега, официјално ќе биде примен во министерството за одбрана од државниот секретар Кристијан Шмит. И покрај најавената можност, се‘ уште не е сигурно дали и колку време германскиот министерпот Томас де Мезие ќе успее да одвои за средба со македонскито колега.