1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280609 CDU/CSU Wahlprogramm

29 јуни 2009

Три месеци пред парламентарните избори во Германија, владејачките партии, Христијанско демократската и Христијанско социјалната унија се договорија за заедничката изборна програма. Главна тема беа даночните олеснувања.

https://p.dw.com/p/Id30
Хорст Зехофер и Ангела МеркелФотографија: AP

Спроти решавачката рунда разговори на раководствата на ЦДУ и ЦСУ се манифестираа темелни разлики околу најавите за даночни олеснувања. И додека Христијанско социјалната унија бараше прецизни одредби за висината и времето кога ќе бидат воведени, партијата на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско демократската унија не сакаше да се обврзе на тоа поради светската финансиска и економска криза. Дел од раководството на ЦДУ дури јавно изрази сомнеж дали е воопшто можно да има даночни олеснувања во време кога Германија е соочена со рекордни задолжувања на државниот буџет.

На крајот од средбата во Берлин на лицето на канцеларката Ангела Меркел можеше да се забележи онаа специфична насмевка што значи - победа:

„Програмата е усвоена едногласно...“

Horst Seehofer und Angela Merkel
Фотографија: AP

Даночните олеснувања само во најава

Тоа во превод значи дека во заедничката изборна програма на ЦДУ и ЦСУ нема конкретни обврски околу даночните олеснувања, туку само најава дека тие ќе дојдат во текот на наредниот легислативен период. Претседателката на владејачката Христијанско демократска унија, Ангела Меркел, порача дека големото задолжување на државниот буџет треба наскоро да се намали, без при тоа да се загрози опоравувањето на конјунктурата. За таа цел треба да се вложува во научните истражувања и образованието:

„Покрај солидни финансии и инвестиции во иднината, како трет столб мораме да овозможиме и засилена мотивација на оние кои ја носат силата на оваа земја. Мораме да спречиме секој цент што граѓаните ќе го заработат како покачување на платите да заврши веднаш во државните каси. Мораме да водиме посебно сметка за растоварување на средната класа и затоа предлагаме даночно олеснување во два степена во следниот легислативен период. Притоа мораме да водиме сметка за тешката состојба во државниот буџет.“

ЦСУ не се избори

Токму даночно олеснување за средната класа бараше сестринската партија, Христијанско социјалната унија. Според нејзиниот претседател, Хорст Зехофер, тие треба да дојдат во 2011 и 2012 година. Но, Зехофер не успеа да го наметне ваквиот став на заедничката средба на двете партиски раководства.

Инаку, во заедничката изборна програма на двете владејачки партии има и заложби за намалување на невработеноста, како и за надминување на актуелната економска криза. Што се однесува, пак, до меѓународната политика, двете партии очигледно се потпираат врз големите успеси на канцеларката Меркел во сегашниот легислативен период. И таа не штеди пофални зборови на таа тема:

„Покажавме дека сме во состојба да ги застапуваме интересите на Германија во Европа и во светот, без притоа да дојде до поделби или создавање разни политички оски“, нагласи Ангела Меркел по средбата на раководствата на двете владеачки партии вчера во Берлин.



Автор: Петер Штицле/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска