1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без копнеж по марката - со љубов кон еврото

Данхонг Жанг / Александар Методијев12 јуни 2013

До сега пред се’ големите концерни јавно се залагаа за зачувување на еврото. Но, што мислат за тоа средната класа и малите фирми? Страдаат ли тие од еврокризата?

https://p.dw.com/p/18oCQ
Фотографија: Reuters

„Јас имам евро, но немам криза“, вели Харалд Кирхгеснер, шеф на рекламна агенција од Штутгарт. „Ние работиме во германски рамки и затоа еврокризата не е тема за нас“, додава тој.

Еврокризата не игра никаква улога и за фабриката за возила „Шојерле“, бидејќи таа има висок извоз надвор од Европа. „Имаме многу позитивен раст во бизнисот и соодветно на тоа вработуваме работници“, вели извршниот директот Андрас Колер. Во 2012 година продажбата се зголеми за неверојатни 40 проценти.

Исто така и фабриката за производство на машини Курц Елза во последната година бележи раст. За главниот извршен директор Рајнер Курц кризата во Европа се’ уште е како мувла врз економијата. „Постои прилична несигурност во индустријата, а тоа влијае и врз одлуките за инвестирање“, вели Курц.

Азија ја компензира Западна Европа

Исто така и производителот на термоси „Алфи“ ја чувствува кризата. „Секако дека забележуваме оти потрошувачите, посебно во Западна Европа, поради високата невработеност ја намалуваат својата побарувачка, па така секако дека купуваат и помалку производи од 'Алфи'“, вели извршниот директор Бернард Мителман.

Bauboom
Германските фирми го користат бумот на кинескиот пазарФотографија: AP

Влошената економија во Западна Европа во моментов се’ уште може да се компензира со доброто расположение во Германија и високите стапки на раст во земји надвор од Европа. „Нам добро ни оди во Кина. Кинезите ги обожуваат производите на 'Алфи'. Тие сакаат Made in Germany“, вели Мителман за Дојче веле.

Нема копнеж по германската марка

Бизнисмените веруваат дека довербата во заедничката валута полека се враќа. За разлика од многумина меѓу населението, мнозинството извозноориентирани средни компании не жалат за германската марка.

„Не посакувам да се врати германската марка. Сметам дека еврото донесе бројни предности“, вели Андреас Колер од фирмата „Шојерле“. „Со сигурност дека би можеле да живееме со германската марка, но тогаш би го имале истиот проблем како и Швајцарија, бидејќи курсот на валутата ќе стои прилично високо, а со тоа ќе биде отежнат извозот“, додава тој. Според него е оправдано што сојузната влада презеде одреден ризик со спасувањето на еврото. „Таа се грижи за одредна стабилност и сигурност во планирањата на фирмите. Сметам дека цената (за спасувањето на еврото, н.з.) е голема, но сепак не превисока“, додава Колер.

Deutschland Geschichte Kapitel 5 1989 – 1999 Abschied von der D-Mark
Германија има должност да придонесе за спасувањето на евротоФотографија: picture-alliance/ZB

За Бернхард Шорк, шеф на фирмата „Еком инструментс“, еврото е повеќе од само валута. „Сметам дека еврото е многу голем стабилизирачки фактор во Европа. Тој е основа за заедничката економија во Европа“, вели Шорк.

Затоа Германија имаше должност да придонесе за спас на еврото, смета Хауке Ханиг, портпарол на фирмата за производство на вентилатори „ЕБМ-Папст“. „Ние сме најголемата и економски најсилната нација во Европа. Ние мораме да помагаме. Нам ни треба еврото“, вели Ханиг.

Ралф Герингер од фирмата „Вирт“, која е концерн за производство на сврзувачки делови и монтажна техника, размислува еден чекор понапред. „Сметам дека во Европа на долг рок ќе мора да се воведе нешто слично на германското покраинско фискално изедначување. Тоа на многумина не им се допаѓа, затоа што оние кои имаат повеќе ќе мораат да плаќаат за оние кои имаат помалку“, смета тој.