1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без образование Ромите не можат да се ослободат од канџите на сиромаштијата

Благородна Григорова / Александар Методијев12 март 2013

Над десет милиони Роми во Европа во многу случаи се дискриминирани во областа на образованието. Тие се како во маѓепсан круг, бидејќи без образование не можат да излезат од сиромаштијата.

https://p.dw.com/p/17uwu
Фотографија: picture-alliance/Christian Für

Уште од првиот училишен ден во Скопје Неџо Осман бил свесен дека е различен од најголемиот дел од соучениците.

„Наутро децата ме омаловажуваа. Тоа имплицираше дека јас сум валкан и со вошки. Таму за првпат искусив дека сум ’Циган’“, вели Осман.

Исто така и подоцна на Академијата за филм и театар во Нови Сад тој морал повторно да се избори со предрасудите за Ромите. Тој продолжил натаму како еден од околу десет Роми на неговиот факултет и како единствен Ром на Театарската академија.

Предрасуди и погрешна политика

Сето ова се случувало во социјалистичка Југославија во 1960-те години, но би можело да се случува и денес во некоја европска земја, бидејќи предрасудите во однос на Ромите се се’ уште присутни.

Nedjo Osman Leiter von Sendung in Romanes
Неџо Осман ја критикува политиката за интеграција на РомитеФотографија: Privat

„Ромите се третираат како маргинализиран слој и генерално е прифатено дека тие немаат волја и способност да се интегрираат“, забележува Румјан Русинов, бугарски ромски активист и долгогодишен раководител на Ромската програма во Будимпешта на Фондацијата „Сорос“. 

Клишеата водат кон дискриминација и сегрегација. Таму голем дел од Ромите уште за време на диктатурите во Источна и Југоисточна Европа живееја во одделени населби или, пак, во рурални региони, каде училиштата се развиле во институции кои главно се посетувани од Роми. Такви форми на сегрегација и денес има во земји како Хрватска, Унгарија или Романија, критикува Русинов.

Мнозинското население не сакаше неговите деца да посетуваат вакви училишта. Пред крајот на диктатурите во Источна и Југоисточна Европа понекогаш беа основани посебни одделенија за Роми. Квалитетот на наставата таму беше многу полош отколку каде било на друго место. Во некои од земјите од Источниот блок ромските деца одеа и во специјални училишта. По демократските промени во овие земји ситуацијата уште повеќе се влоши.

Porträt Roma in Sancraieni Rumänien
Ромските деца имаат проблем со официјалниот јазик на земјата во која живеат, бидејќи тој не се користи ниту во семејствотоФотографија: Andreea Tanase

„Во социјалистичка Бугарија околу 50 проценти од ромските деца посетуваа училишта, во кои немаа заеднички часови со децата на мнозинското население. Денес тој сооднос е зголемен на 75 проценти“, вели Русинов.

Во Република Чешка и натаму илјадници ромски деца се школуваат во посебни училишта, кои се конципирани за деца со блага ментална попреченост. И по шест години од пресудата на Европскиот суд за човекови права против ваквата пракса на чешката држава, малку нешто се промени во оваа ситуација, забележува Амнести интернешнал во извештај од 2012 година.

Маѓепсан круг на сиромаштија и маргинализираност

Дека е влошена состојбата со образованието на Ромите во поранешните социјалистички земји по демократските промени потврдува и едно истражување на социологот Илона Томова на случајот со Бугарија. Поради неолибералната политика во посткомунистичките години државата ги намали социјалните трошоци.

„Во областа на образованието оваа политика ги погоди целодневната настава, предучилишната настава, како и распределбата на бесплатни учебници“, вели експертката.

Овие мерки беа посебно значајни за социјално загрозените семејства, во кои во најголем дел спаѓаат Ромите. Со сиромаштијата доаѓа и проблемот на јазикот, нагласува Томова. Најголем дел од Ромите растат без официјалниот јазик во земјата. Така многу ромски деца за првпат во училиштата доаѓаат во контакт со официјалниот јазик. По часовите одат дома, каде тој јазик не се зборува, бидејќи нивните родители имаат многу ниско ниво на образование и не можат да ги поттикнуваат своите деца. Така тие често многу рано се откажуваат од образованието.

Rumyan Russinov
Румјан Русинов долги години ја раководеше програмата за Роми во институтот „Отворено општество“Фотографија: Privat

Значајна е поддршката за ромската политика

Без образование не може да се излезе од маѓепсаниот круг на сиромаштија и маргинализација. Во минатите години Европската комисија предложи единствена рамка за национални стратегии на земјите членки за интеграција на Ромите, во која подобрувањето на образованието е една од централните точки. Без соодветно образовно ниво се намалуваат шансите за пазарот на труд.

Неџо Осман се залага за инклузија на Ромите во нормалната училишна настава во Германија. Тој тука живее од почетокот на 90-те години на минатиот век. Тогаш конфликтот во Југославија донесе многу Роми во Германија. Така тој започнал, покрај актерските и новинарски ангажмани, да работи и како посредник во образовни проекти за Ромите. Тој знае дека патот за успешна интеграција е заедничкото школување на ромските и децата на мнозинскиот народ.