1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без САД на Блискиот исток не мрда ништо

Петер Филип5 јануари 2007

И покрај тоа што Германија сега освен претседавањето со ЕУ е претседавач и на Групата осум, без САД на Блискиот исток малку работи можат да се поместат нанапред. Меркел за тоа мора да биде свесна, констатира Петер Филип во коментарот на оваа тема.

https://p.dw.com/p/AduI
Вашингтон
ВашингтонФотографија: AP

Ангела Меркел треба да запне и да ја стави повторно во движење заглавената дипломатија на Блискиот исток. Ваков впечаток, во секој случај, се добива по разговорите на американскиот претседател, Џорџ Буш и канцеларката, која Вашингтон го посети истовремено како претседавач на Советот на ЕУ и претседавач со Групата осум. Но, дури и суперѕвездите можат да се издигнат превисоко, како што можат и да се изневерат надежите што се имаат во Меркел. Потребни се претпазливост и воздржаност. И, тоа, и покрај тоа што ангажманот во насока на повторно заживување на блиско-источниот мировен процес е сигурно исправен. Централната идеја гласи – Блискоисточниот квартет, во кој има претставници на ОН, САД, ЕУ и Русија треба повторно да стане активен. Разумна идеја, зашто секој ангажман за решение на конфликтот треба да се заснова на најширока можна меѓународна поддршка. Само што, квартетот досега нема предложени ниту една иницијатива која е навистина убедлива, за тоа како Блискиот исток да тргне напред.

Наместо тоа, квартетот досега живее од основните мировни елементи утврдени некогаш во т.н. Роуд мап, односно картата на патишта за стигнување до мир на Блискиот исток. Таму е дефинирано дека ваков мир, меѓу другото, мора да се базира врз крај на насилството, врз меѓусебно признавање, крај на израелската окупација и создавање независна палестинска држава. Всушност, се тоа се работи што се подразбираат сами по себе, но на Блискиот исток понекогаш и работите што се подразбираат сами по себе се утопија.

Освен тоа, човек не треба и да се занесува – колку и да се добри иницијативите на Блискиот исток, тие без Вашингтон ќе останат безуспешни. Но, претседателот Буш досега повеќе го запоставуваше Блискоисточниот конфликт и им се посветуваше на други теми. Ирак, Иран и борбата против тероризмот имаа предност во Белата куќа. Поради тоа може да има поплаки, но запоставувањето на Блискоисточниот конфликт е можеби и добро, ако се претстави што би било доколку Вашингтон и таму се вклучеше толку , во навод, ”успешно” како во другите региони.

Американската министерка за надворешни работи сега ќе патува на Блискиот исток. Но, таа ќе застапува еден ослабнат американски претседател, кој стои наспроти мнозинството демократи во парламентот и сенатот. Тука не може да промени ништо ниту германската канцеларка, која од своја страна исто така најави дека ќе патува на Блискиот исток.