1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Белата смрт“ ја коси Македонија

Свето Тоевски11 јули 2013

На Македонија и се случува драматично „исчезнување“ на населението: во семејствата се раѓаат само по едно и пол дете, наместо по 2,1, колку што е потребно за проста репродукција.

https://p.dw.com/p/1963P
Фотографија: Fotolia/sjhuls

Денес, кога во светот се одбележува 11 – ти јули, Меѓународниот ден на населението ,Дојче веле, побара мислења од неколку истакнати демографски и медицински експерти зошто на оваа држава и се заканува таканаречената „бела статистичка смрт“, од кои причини таа ја губи својата популација?

Мирјанка Маџевиќ, професор по демографија од Институтот за географија на Државниот универзитет во Скопје, истакнува: „Македонија се соочува со намалување на општата стапка на наталитет и благ пораст на смртноста, кои заедно водат кон сериозно намалување на природниот прираст. Во голем дел од општините веќе се забележува и негативен природен прираст, односно бројот на умрените лица е поголем од бројот на родените. Причините за опаѓање на наталитетот се разновидни: биолошки, социо-економски, личниот став за големина на семејството и друго.“

Според информацијата на Државниот завод за статистика од 14 јуни годинава, лани во земјата вкупно биле родени 23 илјади и 752 деца, што е за 3,5 проценти повеќе отколку во претходната, 2011 година.

Тешко погодени региони

Славе Ристевски, експерт за статистичка анализа и демографија од Економскиот факултет на Државниот универзитет коментира: „Во последниве 20-тина години во земјата Пелагонскиот, Источниот и Вардарскиот регион се најтешко погодени и најзагрозени од овие неповолни демографски движења на ’„исчезнување“ и стареење на населението. Пелагонискиот регион има минус три промили стапка на природен прираст.

Источниот регион има негативен прираст од 1,9 или 1,6 промили, а Вардарскиот регион има 0,33 негативен природен прираст. На Македонија и се закануваат мошне неповолни демографски трендови и во наредниот период. Многу значаен индикатор, кој говори за неповолни ситуации, е и таканаречената тотална стапка на фертилитет, односно, раѓање деца, која во последно време е под критичната стапка од 2,1. Што значи дека жената во Македонија во нејзиниот фертилен период не раѓа ниту две деца, бидејќи стапката на тотален фертилитет е 1,56, се раѓаат само 1,56 деца. Во последно време таа се спушта на 1,46. За да може да се врши проста репродукција на македонската популација и е потребна стапка од тотален фертилитет од 2,1, или повеќе од две деца кои треба да ги роди жената во својот фертилен период од 15. до 49. година.“

Flash-Galerie Themen der Grünen Demographie
Во вкупната демографска структура на населението во пораст е учеството на старото населениеФотографија: Monkey Business/Fotolia

Маџевиќ се надоврзува: „Во вкупната демографска структура на населението во пораст е учеството на старото население. Ако се анализира структурата на природниот прираст според национална припадност, може да се забележат разлики во соодносот“. 

Во овој контекст Ристески изнесува поиздиференцирани податоци: „Се уште не се кажува дека и кај албанското население во Тетово, Гостивар, Дебар и Струга и Куманово, кое и натаму има висок наталитет, децата се раѓаат и во странство, во европските земји. Располагам со информации дека од 1994 до 2003, или 2004 година се родени повеќе од 27 илјади деца во странство, во Европа, што ги менува односите и кај Македонците и кај Албанците. Ако се земе така, со родени деца во странство, Албанците имаат се уште тотална стапка на раѓање повеќе од 2.1, што значи дека се овозможува проширена репродукција. Ако се исклучат децата родени во странство, стапката на родност, и кај албанската жена паѓа на 1,55, што значи и кај Албанците веќе не се раѓаат две деца во едно семејство.“

Миграцијата дополнителен проблем

Демографските експерти се категорични дека и миграциите во и надвор од Македонија се одразуваат неповолно врз состојбата со нејзиното население. Според пописот од 2002 година, 147 места во земјата се без население. Околу 160 населени места биле со 10 жители. До 100 жители има во околу 700 населени места, а таму просечната старост е околу 70 години. Во овие места нема кој да создава семејство.

Symbolbild Reise Ausland Studium
Повеќе од 500 илјади жители од Македонија емигрирале во САД, Канада, Нов Зеланд, АвстралијаФотографија: Fotolia/robodread

Професорката Маџевиќ напоменува: „Миграцијата придонесува кон  усложнување на демографските процеси и воопшто на демографската состојба. Тоа особено се чувствува во регионите каде имало интензивни иселувања на младо население на репродуктивна возраст, што со тек на времето води и кон демографско стареење.“

Ристески појаснува: „Внатрешните и надворешните миграции многу значајно се одразија врз природните демографски движења. Од 1948 година од селата во градовите во Македонија се спуштиле повеќе од 700 илјади жители. Младите ги напуштиле селата, значи, во нив нема млади брачни двојки, има голем број ергени, немажени девојки, што е присутна појава во последниве две децении во Македонија. Прекуокеанските миграции траат повеќе од 70 години и тие се неповратни: голем број од оние што ја напуштиле земјата таму остануваат засекогаш со своите деца. Од овој аспект Битола и Ресен се најзагрозени како најголеми емиграциони зони во земјата. Според информациите на „Еуростат“ и Светската банка, повеќе од 500 илјади жители од Македонија емигрирале во САД, Канада, Нов Зеланд, Австралија ...“

Што преземаат надлежните?

Марјан Гијовски, портпарол на Министерството за труд и социјална политика, одговара: „Од страна на Владата во 2008 година е усвоена ’Стратегија за демографски развој на РМ за период  2008-2015 година’ која во моментов се ревидира. Во последните 5 години од спроведувањето на таа стратегија е  постигнат еден од главните  резултати: зголемување на вкупната стапка на фертилитет од 1,47 во 2008 на 1,51 (таканаречена ’сигурна зона’) во 2012 година, а која е во директен сооднос со демографскиот развој. Ефекти има и од родителскиот додаток за трето дете, кој се применува  согласно законот за заштита на децата од јануари 2009 година.“

Zensus in Mazedonien
Причините за опаѓање на наталитетот се разновидни: биолошки, социо-економски, личниот став за големина на семејствотоФотографија: DW

Околу политиката за поттикнување на трето дете во семејствата експертите имаат критички размислувања.

Професорот Ристески посочува: „Во врска со кампањата за трето дете не може никој да му се меша на семејството, тоа е многу интимна и многу чувствителна работа, некогаш мерките имаат контраефекти. Во основа ние немаме конзистентна, единствена и диференцирана популациона политика. Сега овие мерки што се преземаат се палијативни, се со цел да дадат некакви резултати, меѓутоа, тие се краткорочни. Потребни се подолгорочни мерки. Треба да се зголемува животниот стандард, населението да се вработува, потребни се соодветни станбени кредити ... Во изминативе 20 години на овој план ништо не се спомена, а оваа Влада, сепак, презема мерки од популационата политика, без оглед кои се и какви се“.