1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белгија е нов предизвик и шанса

Златко Калински19 март 2013

Фудбалот одново е главната спортска тема. Продолжуваат квалификациите за Светското првенство во Бразил. Репрезентацијата на Македонија од вчера е во Скопје на подготовки за двата дуела од „А“ групата против Белгија.

https://p.dw.com/p/1801C
Фотографија: Petr Stojanovski

Белгија од челната позиција во групата заедно со Хрватска со по 10 освоени бодови досега, ќе слета во Скопје. Македонија од делба на 4-то место со Србија со по 4 бода, влегува во овој своевиден двомеч против Белгијците. Деликатна натпреварувачка фаза во која Македонија може мондијалската порта да ја подотвори или дефинитивно да ја затвори! Првиот тест е в петок на 22 март на „Филип Втори Арената“, а само 4 дена подоцна претставата со истите актери ќе се пресели во Брисел.

Македонскиот селектор Чедомир Јаневски во разговор за Дојче веле објаснува дека е рано за калкулации:

„Претстојат два натпревара исклучително тешки и за Белгија и за Македонија. Математиката засега ја оставам на страна. Фокусирани сме на првиот дуел во Скопје. Приоритет е да одиграме добро. Ако оствариме позитивен резултат, дури тогаш ќе имаме право да почнеме да правиме некакви бодовни калкулации.“

Јаневски во улога на  селектор на репрезентацијата на својата матична земја е соочен со натпреварите против Белгија, земјата во која живее повеќе од две децении. Како го доживува овој момент?

„Ова е прашање, кое е интересно за јавноста и во Македонија и во Белгија. Не би зборувал за некакви посебни емоции. Јас сум тренер-професионалец и во моментов ме интересира само успехот на репрезентацијата, која ја водам. Заедно со играчите ќе направиме се да победиме. Нема посебности во подготовката, таа е како за секој друг противник со квалитет, каков  поседува Белгија.“

Cedomir Janevski neuer Trainer Mazedonien
Чедомир ЈаневскиФотографија: Petr Stojanovski

Да се заборават победите

23-ца играчи се повикани под македонското знаме. Избор очекуван, кој зад себе има три победи едноподруго протв Србија во квалификациите и во пријателските мегдани со Словенија и Данска. Носат ли овие успеси поголема самодоверба кај играчите?

„Секој натпревар е различен. Така и овој против Белгија. Трите победи против Србија, Словенија и Данска се веќе минато, тие отидоа во аналите, станаа наша фудбалска историја. Сигурно дека го креваат нашиот морал, но не треба да се претворат во некаква еуфорија. Бидејќи, општо е мислењето дека  Белгија во моментов е една од најперспективните репрезентации во Европа. Таа е голем наш предизвик и шанса за нов исчекор. Изборот на играчи, кој што го направив е многу сличен на оној, кој ја совлада Данска со 3:0. Резултат и игра со која бевме задоволни и ние од стручниот штаб и целата фудбалска јавност во Македонија. Често сум во контакт и со играчите и со моите соработници, така што во тој поглед немаше што да се менува. Малку ме загрижува малата минутажа, која ја добиваат одредени играчи. После Данска очекував дека некои играчи ќе добијат поголема шанса за настап во своите клубови во странство.“

Јаневски е одличен познавач на фудбалот во Белгија. Со респект зборува за белгискиот состав:

„Јас како тренер, сум работел со неколкумина играчи од овој состав на Белгија. Оваа селекција е направена од пред 4-5 години. Најистакнатите поединци играат стандардно  во водечките клубови на англиската Премиер лига. Млади се, но со добро натпреварувачко искуство. Мислам дека во белгискиот фудбал се работи стратешки. Тие од 2000-та година наваму, не биле на едно големо натпреварување создавајќи талентирана селекција каква што е оваа, за која се смета дека во моментов е една од водечките по квалитет во Европа“.

Стари познанства

Последен пат селекциите на Македонија и Белгија играа во квалификациите за Европското првенство во 1996-та година. Јаневски во тој период беше сеуште активен играч:

Eden Hazard Belgien Nationalelf
Еден Азар (десно) е најголема ѕвезда во белгиската репрезентацијаФотографија: picture-alliance/dpa

„Тие мечеви не можат да се споредуваат со овие денеска. Во Брисел одигравме нерешено 1:1. Во Скопје без присуство на публика, бидејќи бевме казнети загубивме со 5:0.  Најголемиот дел од играчите, бевме на залезот на нашите кариери. Ако тие мечеви се одиграа неколку години порано, резултатите ќе беа сосема поинакви и ќе беа во наша корист. Не дека барам некакво алиби или оправдување, но тоа беше специфичен момент. Тој резултат е далечно минато и нема никаво влијание врз ова што се случува во моментов. Сега ние имаме тим кој е во фаза на создавање комбинација на искуство и младост и е многу поразличен од тогашниот. Потребни ни се вакви мечеви и поддршка од сите, а најмногу од трибините.“

На белгиската клупа в петок ќе е тренерот Марк Вилмоц, некогаш истакнато фудбалско име. Јаневски вели дека се добри познаници:

„Како играчи, бевме  еден наспроти друг во повеќе наврати. На пример во два финални меча од Купот на Белгија. Тој во дресот на Стандард, а јас за Бриж во кој ние победивме. Подоцна, во ново финале кога јас настапував за Шарлоа, тој победи. Во важните мечеви сме 1:1 во победи. Инаку, заеднички минувавме и низ тренерската едукација, при добивањето на тренерските дипломи. Како играч, Вилмоц беше многу дисциплиниран, а таква дисциплина внесува и во играта на белгиската репрезентација.“

Јаневски, штотуку допатува од Белгија. За атмосферата што владее таму, во пресрет на дуелите против Македонија, Јаневски вели:

„Таму, фудбалската репрезентација е голем хит. Белгија живее за успехот на својата репрезентација. Сите веќе ја гледаат на Мондијалот. За илустрација, уште во ноември минатата година беа распродадени сите билети за дуелот против нас на 25 март во Брисел. Во јавноста владее мислењето дека Македонија е аутсајдер и дека во претстојните два меча Белгија ќе обезбеди бодовна залиха за пат во Бразил“, за Дојче веле, вели селекторот на репрезентацијата на Македонија, Чедомир Јаневски.