1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Приштина постигнаа договор за посетите

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски8 октомври 2013

Српските претставници ќе можат да го посетуваат Косово, се договорија синоќа во Брисел премиерот Дачиќ и Тачи. Судејќи според нивните изјави, нормализацијата на односите е многу блиску. Само уште да се реализира...

https://p.dw.com/p/19vvc
Фотографија: European External Action Service

Една година од почетокот на дијалогот на највисоко ниво и по 17 состаноци во Брисел, српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи велат дека веруваат во општа мобилизација на односите на двете страни. Оценувајќи ја вчерашната (07.10) средба како „најуспешна досега“, српскиот премиер вели дека, барем на масата во Брисел, се разрешени повеќето од проблемите кои се јавуваа во процесот на организација на локалните избори во Косово, закажани за 3. ноември.

Според синоќа постигнатиот договор, барањата на српските претставници за посета на Косово во иднина ќе бидат упатувани до претставниците на Еулекс кои ќе ги разгледуваат и одобруваат.

„Се договоривме да ги решиме клучните прашања: што повеќе Срби да бидат запишани во избирачките списоци, што повеќе раселени Срби да можат да гласаат надвор од Косово, Србите да имаат свои претставници во избирачките органи и по принципот на меѓународна коректност да се решаваат конфликтите, вклучително и тоа дека највисоките државни функционери на Србија ќе можат да го посетуваат Косово, без разлика дали во изборната кампања или во некое друго време. Тоа се темелни принципи без кои нема нормализација на односите“, изјави Дачиќ.

„Студената војна“ заврши

Нормализацијата на односите е она во што верува и косовскиот премиер Тачи. Тој вели дека Приштина се залага за „слобода на движење без дискриминација кон било кој“.

Kosovo Serbien Grenze Schild
Косовско-српска граница кај МердареФотографија: Carsten Koall/Getty Images

„Врз основа на договорот од 19. април, како и претходните договори за слобода на движење, ние ќе го преиспитаме секое барање кое ќе дојде од Србија за посета на Косово и ќе донесеме одлука во согласност со дадените околности. Нема да има дискриминација“, изјави косовскиот премиер.

И додека Тачи нагласува дека најпрво мора да се испочитуваат постојните процедури, Дачиќ е уверен дека посетите на Косово на српските претставници ќе им бидат овозможени преку воспоставување „механизам за надминување на отворените прашања“.

ЕУ во изминатиот период инсистираше на праведна и инклузивна подготовка на изборите кои за првпат ќе се одржат на целата територија на Косово со учество на сите заедници. За спроведување на добро организирани избори, Брисел ги повика и Белград и Приштина да соработуваат. Официјален Белград одговара дека ги исполнил „речиси сите“ обврски и истото го очекува од Приштина. Косовските претставници, пак, оценија дека „студената војна“ е завршена и дека пред Србија и Косово претстои „ера на соработка“. Она што сега се очекува е материјализација на добрите намери на двете страни.