1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград и Приштина преговараат за имплементација на договорот

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски7 мај 2013

Белград и Приштина денеска во Брисел по вторпат ќе се обидат да се усогласат за планот за примена на договорот меѓу двете земји. Од ЕУ порачуваат: во прашање се технички разговори, но имплементацијата е клучна.

https://p.dw.com/p/18TM1
Фотографија: DW/R. Alija

За да се дојде до обострано прифатливо решение за нормализација на состојбата на северот на Косово, на Белград, Приштина и на Брисел им беа потребни шест месеци маратонски преговори. Оценката, дека потписот на тој документ е само дел од работата и дека дури сега претстои најтешкиот дел на разработка на деталите и имплементација на договорот, ја потврди веќе првиот состанок на тимовите задолжени за изработка на планот на примена на бриселскиот договор. Дводневните разговори, со посредство на директорот на дипломатската служба на ЕУ за Западен Балкан Фернандо Џинели, кон крајот на април не донесоа ниту работна ниту временска рамка околу која би се сложиле Белград и Приштина.

Косовскиот заменик-премиер Хајредин Кучи тогаш изјави дека неговата страна го прифатила понудениот план и ја обвини српската страна за „одолговлекување“. „Некои прашања се временски дефинирани, како на пример изборите во општините да бидат истовремено кога и косовските избори. Но што се однесува до другите прашања, за нив мора да одлучат двајцата премиери и Кетрин Ештон. Косовскиот премиер е подготвен да дојде и да го потпиште договорот“, рече Кучи.

Од Белград стигна оценката дека нацрт планот за имплементација, понуден на 26 април, го менува Бриселскиот договор на штета на српската страна, односно дека Приштина се обидува да наметне решенија кои не биле дел од првичниот договор. Српските претставници нагласуваат дека токму од планот на имплементацијата зависи дали бриселскиот договор ќе води кон „вистинска автономија“ за Србите на Косово.

EU Außenpolitik Ashton, Dacic und Thaci in Brüssel OVERLAY
Ивица Дачиќ, Кетрин Ештон и Хашим Тачи во БриселФотографија: picture-alliance/AP

Договор без косовските Срби не е можен

Во истовреме, во ЕУ го повторуваат ставот дека имплементацијата е клучна, а одредени земји членки очекуваат, пред јунската одлука за натамошните чекори на евроинтеграцискиот пат на Србија и на Косово, да видат конкретни докази за почеток на примената на договорот за нормализација на односите. И додека Хашим Тачи порачува дека планот не е вперен против никого, а официјален Белград инсистира на неговата имплементација, наведувајќи дека ги има потребните механизми за негова примена, Србите од северот на Косово и натаму се противат на договореното. Европските аналитичари предупредуваат дека стартната позиција за примена на договорот е апсолутно неизвесна.

„Белград може сам да ги тргне од платниот список членовите на КПС, да ги повлече другите припадници на МВР на Србија од Косово, за го затвори судот. Но кога е во прашање организирањето избори на северот, тоа не може да се направи без согласност и учество на тоа население и без неговите политички лидери“, вели за ДВ, Марко Прелец, директор за Балкан во Меѓународната кризна група.