1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград не го контролира северот на Косово

16 февруари 2012

Референдумот на северот на Косово веројатно нема да има политички последици врз Србија, но станува јасно дека Белград нема контрола врз политичарите и политичката елита на северот на Косово.

https://p.dw.com/p/1441F
Фотографија: AP

Референдумот на Србите на северот на Косово нема да има никакви правни последици, но ќе има пред се’ политички консеквенци, и во тој поглед не треба да се залажуваат ниту Белград, ни меѓународната заедница, вели Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика.

„Тој нема да има толкави политички последици како што тврди српската влада, затоа што таа сепак се огради од референдумот, но може да има последици во онаа смисла дека станува јасно оти Србија не ги контролира политичарите и политичката елита на северот на Косово, и дека тој дел станува политички фактор кој е многу непредвидлив и некооперативен, и јас искрен се плашам од тоа сценарио“, вели Поповиќ.

Проблеми за дијалогот Белград-Приштина

Според директорката на Центарот за евроатлантски студии, Јелена Милиќ исходот на референдумот бил очекуван и тој претставува некој вид на прекин на односите меѓу Србите од северот на Косово и официјален Белград.

„Сега останува клучното прашање колку Србија ќе биде во можност да го спроведе она што е договорено со Приштина во рамките на дијалогот, доколку реализацијата на тие прашања зависи од Србите во Косово“, вели Милиќ.

Што се однесува до можните реакции на меѓународната заедница, Милиќ оценува дека оттаму сега треба да дојде некоја посериозна иницијатива за смирување на состојбата, но истовремено со тоа да се отвори можност и косовските Срби од себе да ја симнат стигмата на криминализираност.

„Најдобар начин за тоа е да и се дозволи на мисијата на Еулекс да спроведе владеење на правото на целата територија. Од друга страна, треба да бидат и историски одговорни, не само кон себе, и да сфатат кои се максималните можности на Белград, и да не го спречуваат да седне на преговарачка маса и да се извлече некаква институционална поврзаност на општинско ниво. Иако тоа постои и во планот на Ахтисари, треба да се има предвид дека Западот стравува од уште еден неуспешен договор, како Дејтонскиот во БиХ, и мислам дека ќе стравуваат од какво било решение кое би довело до нефункционалност на Косово“, образложува Милиќ.

Kosovo Serben halten Referendum ab in Kosovska Mitrovica
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нови делби меѓу косовските Срби

Поповиќ очекува западните земји целосно да ги игнорираат резултатите од овој референдум.

„Никој сериозен нема да го третира ова како сериозно искажување на волјата на граѓаните. Ова не е израз на волјата на граѓаните, туку фарса во режија на политичките моќници од северот на Косово, и затоа очекувам и таков третман“, вели Поповиќ.

Со референдумот се создаде и јасна поделба на Србите северно од Ибар, и оние кои живеат јужно од реката. Тоа би можело да го искористат Србите јужно од Ибар да отворат посериозни преговори со Приштина, која би можела да ја искористи оваа ситуација за да им понуди сериозни отстапки, за на тој начин да го покаже својот демократски капацитет, прогнозира Поповиќ.

Автор: Ивица Петровиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска