1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзани му даде „корпа“ на Берлускони

ЖА/дв/макфакс1 март 2013

Не е изненадувачки, но внесува малку поголема јасност: во Италија според желбата на Социјалдемократите нема да има голема коалиција на левиот и десниот блок. Со тоа се комплицира формирањето влада.

https://p.dw.com/p/17oY9
Фотографија: AFP/Getty Images

Коалицијата на италијанските партии од левиот центар нема да состави „голема коалиција“ со десниот центар што го предводи поранешниот премиер Силвио Берлускони, соопшти денеска лидерот на левиот центар, Пјер Луиџи Берзани, коментирајќи го расплетот од парламентарните избори кои се одржаа во неделата и понеделникот и кои не дадоа јасен победник.

„Сакаме многу јасно да кажеме: идејата за голема коалиција не постои и никогаш нема да постои“, изјави Пјер Луиџи Берзани во разговор за дневниот весник „Ла република“.

На изборите што се одржаа на 24-ти и 25-ти февруари, ниедна политичка групација или партија во Италија не освои доволно мнозинство за да формира стабилна влада, а Движењето 5 ѕвезди на сатиричарот Бепе Грило, чијашто програма е борбата против „политичкиот естаблишмент“, стана поединечно најсилната партија, освојувајќи четвртина од гласовите.

Коалицијата на левиот центар, што ја предводеше Берзани, освои мнозинство во долниот дом, но не и во Сенатот. Берзани во разговорот за миланскиот весник вели дека на претстојните консултации кај претседателот Џорџо Наполитано ќе ја претстави програмата на владата на својата коалиција, којашто и самиот би ја водел.

Запрашан дали таквата влада ќе биде малцинска, Берзани одговара:

„Нарекувајте ја како што сакате. За мене тоа е влада на промените“. Берзани не сакал директно да одговори на прашањето за идната улога на Движењето 5 ѕвезди на Грило, кој претходно изјави дека нема да прави коалиции и сојузи со ниедна од традиционалните партии.