1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзата го допре дното

Костадин Делимитов20 декември 2012

Отсуството на регионални инвеститори, влошениот економски амбиент за експертите се главни причини за лошата состојба на македонската берза. Компаниите не се со лоши финансиски резултати, но цените на акциите се ниски.

https://p.dw.com/p/1763i
Фотографија: dapd

Македонската берза го допре дното на кое беше во кризата од 2009. година. Ова го потврди и американскиот Блумберг кој македонската берза ја оцени како шеста најлоша во светот. Големиот песимизам кој што веќе подолг период е карактеристика за случувањата на македонската берза според аналитичарите е главно последица на економските случувања, но и отсуството на таканаречените институционални инвеститори. Според инвестицискиот советник Горан Марковски дополнителен проблем е и политичката криза околу буџетот што кулминира во собранието:

Mazedonische Börse, Glocke
Фотографија: Petar Stojanovski

„Во изминатиот период имаме релативно лоши показатели барем мерени од аспект на движењата на индексите, што во принцип упатува на голем песимизам, првенствено кај домашните инвеститори, меѓутоа уште повеќе упатува на недостаток на институционални инвеститори, особено доколку се земат во предвид остварувањата на македонските компании кои што се тргуваат на македонскиот пазар и чии резултати во најмала рака не кореспондираат со цените на акциите. Сепак тој недостаток на институционални инвеститори си го прави своето и тоа е основниот проблем зошто македонскиот пазар има такво вреднување во моментов“, смета Марковски.

Сепак во вакви услови Марковски не очекува дополнителни негативни влијанија. За да се случи позитивен пресврт треба да се повтори 2005. или 2006. година кога и регионалните берзански играчи беа присутни на македонската берза:

Mazedonische Börse
Фотографија: Petar Stojanovski

„Имајќи го во предвид општиот економски амбиент во Македонија, тешко е да се очекува дека обичните, односно оние мали инвеститори ќе издвојат средства во услови кога се соочуваат со проблеми во однос на нормалното функционирање, ликвидноста и други пречки кои што реално го ограничуваат инвестирањето. Меѓутоа, главно е што недостасуваат институционални инвеститори што беа главна погонска сила за подемот на македонскиот пазар во 2005. и 2006, тие се пасивни во моментов и тоа е една од основните причини“, вели Марковски.

Во обид да го заживее домашниот пазар на капитал интервенираше и Владата со законска измена за зголемување на бројот на котирани друштва. Берзанските аналитичари препознаваат позитивен потег, но на страната на понудата. Коментираат дека на пазарот на капитал критична е состојбата на страната на побарувачката, односно дека нема интерес кај инвеститорската јавност за купување хартии од вредност. Причина за ова е и недостиг на пари, но и состојбата во македонската економија. Промена кон подобро е можна со поагресивно вклучување на пензиските фондови во тргувањето, како и со поголема транспарентвост на македонските компании, кои патем остваруваат позитивни финансиски резултати.