1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзите во надолен тренд - политичарите реагираат

23 октомври 2008

Курсот на акциите повторно бележи значителен пад на берзите ширум светот. Политиката реагира со закажување термин за првиот Светски финансиски конгрес на 15. ноември во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/Ff9j
Берзата во Токио бележи сериозен надолен трендФотографија: picture-alliance/ dpa

Стравувањата од долготрајна рецесија на глобалната економија, повторно предизвикаа големи загуби во вредноста на акциите на берзите ширум светот. Во Њујорк индексот Дау Џонс забележа пад од 5,7 проценти. Уште поголеми загуби претрпе вредноста на акциите на берзите во Латинска Америка. Ваквиот тренд потоа продолжи и на најважната берза во Азија. Индексот Никеи во Токио загуби 5,5% од вредноста. Инаку уште во текот на вчерашниот ден финансиските пазари во Европа беа под голем притисок. Основниот германски индекс ДАКС забележа пад од 4,5 проценти. Многу инвеститори сметаат дека пред се натамошното намалување на цената на нафтата е предзнак за глобална економска рецесија.

Свикан првиот Светски финансиски самит

George W. Bush im Gespräch mit Reportern in Alexandria USA
Американскиот Претседател Џорџ Буш свика Светски финансиски самит во ВашингтонФотографија: AP

Политичарите ги продолжуваат напорите за справување со глобалата финансиска криза. Американскиот Претседател Џорџ Буш ги покани шефовите на држави или на влади на 20-те најважни индустриски развиени држави и земји во развој на првиот Светски финансиски самит. Средбата треба да се одржи на 15. ноември во Вашингтон - соопшти Белата куќа. Притоа треба да се расправа за причините за меѓународната финансиска криза, како и за можните мерки за нејзино надминување.

Идејата за одржување светски финансиски самити на глобалната политичка сцена ја изнесе францускиот претседател Никола Саркози, кој е и актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Нивна цел треба да биде преструктуирање на глобалниот финансиски систем, за во иднина да се избегнат кризи како актуелнава. И тој, како и канцеларката Ангела Меркел, во повеќе наврати нагласија дека во заедничките напори за справување со финансиската криза треба да бидат вклучени и важните земји во развој како Кина, Индија и Бразил.

Финансиската криза тема и на самитот Европа - Азија во Пекинг

Angela Merkel Ankunft zu Asem Gipfel in Beijing China
Канцеларката Ангела Меркел веќе пристигна во ПекингФотографија: AP

Важноста на заедничките напори има намера да ја истакне и канцеларката Меркел денеска на почетокот од нејзината повеќедневна посета на Кина. Таа утре и задутре ќе учествува и на самитот меѓу членките на ЕУ и на групата АСЕАН, што ќе се одржи во Пекинг. Спроти заминувањето од Берлин Меркел оцени: "Без земјите во развој, не можеме да водиме никаква меѓународна финансиска политика, сметам дека околу ова постои голема решителност на политичарите. На самитот во Пекинг ќе ни се укаже можност да разговараме и со јапонскиот премиер, ќе имаме можност да се усогласиме и со Индија. Тоа значи дека мораме многу бргу да го поставиме вториот темел, со цел ваква криза никогаш повеќе да не се повтори“ - истакна Меркел спроти посетата на Кина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема