1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бериша е за јакнење на врските со Македонија

9 ноември 2011

Албанскиот премиер Сали Бериша денеска (09.11) престојува во официјална посета на Македонија. По разговорите со македонскиот колега Груевски тој рече дека за мир во регионот е важно почитување на границите.

https://p.dw.com/p/137VP
Сали Бериша и Никола Груевски на прес-конференцијата во СкопјеФотографија: MIA

Почитувањето на актуелните граници на Косово е најдоброто решение за мирот во регионот, порача во Скопје албанскиот премиер Сали Бериша: „Сите изјави или пораки со сугестии за промена на територијалниот интегритет се вадени од политичката архитектура на Слободан Милошевиќ“, рече тој.

Сали Бериша потсети дека на почетокот од 90-тите на „Балканот кружеа карти со рекомпонирање на границите, не само на Косово“. „Албанија не може да се согласи со методологијата на ново балканско касапење. Изгледа нелогично три хомогени српски општини на север од Косово да не може да живеат со Албанците, но затоа пак Србите по Ибарската клисура и општини живеат со Албанци во Србија“, рече Бериша.

„Мојот пријател Бериша“

Македонскиот премиер Никола Груевски, пак, оцени дека „сите спорови во регионот треба да се решаваат со дијалог, почитување на територијалната целовитост и суверенитет“. Тој на заедничката прес-конференција, по средбата во Скопје, го именува гостинот од Тирана како „мојот пријател Бериша“.

Albanisher Ministerpräsident Sali Berisha in Mazedonien
Фотографија: MIA

Двајцата премиери се согласиле дека е важно глобалната економска криза да се пресретне и со интензивни инфраструктурни инвестиции, железничко поврзување и енергетика. Со изградбата на магистралите низ Албанија, патот од Тирана кон Скопје се скусува за 103 километри, а патувањето од Скопје преку Струга до море, е покусо за еден час, илустрираше албанскиот премиер. Бериша изрази подготвеност да се изгради железнички терминал во Струга, до каде би се транспортирале стоките од албанските пристаништа.

Заеднички апликации

Соработката со Македонија за „мојата Влада е многу битна и ние посветуваме многу внимание на јакнење на заемните врски“, рече Бериша, притоа сугерирајќи со Владата во Скопје заеднички да аплицираат во Брисел за групните инфраструктурни градби.

„Македонија останува посветена на европската интеграција, како нејзин стратешки инетерес“, одговори премиерот Груевски на новинарско прашање. Албанија останува конзистентна во поддршката за прием на Македонија во НАТО, изјави шефот на македонската Влада. Гостинот од Тирана кажа дека Македонија де факто е членка на Алијансата, оти ги реализирала сите реформи и неопходно е да „го реши проблемот со својот јужен сосед“, повикувајќи ја меѓународната заедница подинамично да се вклучи во наоѓање компромис.

Бериша нагласено ја именуваше земјата Македонија, иако властите во Тирана се‘ уште ја признаваат под референцата ПЈРМ. Шефот на албанската влада престојот во Македонија го започна со уринските разговори со лидерите на ДУИ, ДПА и СДСМ - Ахмети, Тачи и Црвенковски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска