1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинскиот маратон - истрчан сон на Милош од Македонија

21 септември 2009

На вчерашниот (21.09.2009) 36-ти Берлински маратон, меѓу 40.000 учесници од сите континенти, трчаше и еден Македонец - Милош Јовановиќ од Скопје, кој веќе неколку години студира во Вупертал.

https://p.dw.com/p/JlQB
Милош Јовановиќ од СкопјеФотографија: DW

Со тенисот Милош Јовановиќ другарува веќе две децении. Но, маратонот и триумфалното минување на целта под Бранденбуршката порта му донесе голема радост и остварување на сонот на Скопјанецот, кој шест години студира економија во Вупертал.

Со откажувања и дисциплина до целта

„Многу сум возбуден... Моја цел во животот беше да истрчам еднаш маратон. Со еден пријател се договоривме заедно да го истрчаме Берлинскиот маратон “, кажува Милош, кој за постигнување на целта вели дека се подготвувал една година. Подготовките, меѓу другото, подразбирале и поинаков режим на живот:
„Морав да се откажам од многу работи... Од забави со другарите на пример. Морав да внимавам и на исхраната. Ослабев 5 – 6 килограми за да можам да успеам. Имавме и тренер кој инаку ја подготвува германската репрезентација за тријатлон. Тој ни подготви план колку и како да трчаме. Неделно во просек трчав по педесттина километри, исто како и последниве месец - два“ дополнува Милош.

Leichtathletik 2009: Start des Marathonlaufs in Berlin
Фотографија: AP

Следен маратон Њујорк

За седмицата пред маратонот Милош признава дека малку бил исплашен. Дозволено му беше да трча замо на кратки патеки за да може мускулите да бидат доволно опуштени за да успее. Патеката низ Берлин во должина од 40 км. и 195 метри Милош ја истрча за 5 часа, 14 минути и 34 секунди. Или просечно 7,76 километри на час. За она што следува по Берлин, Милош категоричен:
„Следната цел е Њујорк . Цел на сите маратонци или оние кои трачаат е барем еднаш да го доживеат Маратонот во Њујорк!“

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска