1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинските муслимани не се чувствуваат добредојдени

31 јануари 2010

Колку се чувствуваат добредојдени муслиманите во единаесет европски градови? На ова прашање се обиде да даде одговор студијата „Муслиманите во Европа“, спроведена од институтот Отворено социјално општество од Лондон.

https://p.dw.com/p/Lle6
Фотографија: AP

Студијата, меѓу другото, констатира дека муслиманите во Берлин се чувствуваат помалку како дома, отколку на пример - муслиманите во Лондон и дека помалку се идентификуваат со германската држава. Овој податок не е израз на недоволната желба за интеграција кај берлинчаните со исламска вера, ниту на одбивање на одредбите на германскиот устав, туку е резултат на предоцна започнатата политика на нивно признавање како рамноправни граѓани на државата, смета берлинскиот ополномоштеник за интеграција Гинтер Пининг.

Алармантен податок

Колку ова чувство на своевидна исклученост е изразено кај муслиманите кои живеат во Берлин, покажува податокот дека само 11 проценти од нив мислат дека Германците ги признаваат за рамноправни со нив. Европскиот просек изнесува 25 проценти. Во Лондон дури 40 насто од анкетираните сметаат дека родените Британци ги признаваат како рамноправни граѓани на Велика Британија. Тоа е алармантен податок за Берлин, оценува Пининг: „Со голема загриженост ја набљудувам резигнираноста дури и на младите луѓе кои се овде родени. Ми раскажуваат дека со години прават се‘ за да бидат прифатени, дека учат јазик, биле добри во училиште, завршиле гимназии, студираат, но и покрај тоа чувствуваат одбивност од мнозинското германско општество. Наша задача е тоа да го спречиме, мораме заеднички да се бориме, зашто само со активен ангажман можеме нешто и да постигнеме. Така функционира демократијата.“

Minarette und Moscheen in Deutschland und Europa, Tag der offenen Moschee Berlin
Фотографија: AP

Пининг го истакнува и податокот дека посебно дискриминирани се чувствуваат мигрантите по потекло од Турција и арапските земји. Кај Бошњаците тоа одбивање априори од Германците е помалку изразено, но ако младите девојки носат шамија, тогаш чувствуваат дискриминција без разлика од каде потекнуваат, додава Пининг.

Босанските муслимани имаат интегративна улога

Ваквите предрасуди мора да се елиминираат со подобра комуникација со муслиманите, објаснување на основните постулати на исламот како една од големите светски религии и директни контакти со муслиманите.

Добро искуство во оваа насока тој имал со Бошњаците: „Босанските муслимани имаат свои посебни теми со кои интегративно дејствуваат во градот. Искуството од војната, искуствата од прогонствата, тие се обидуваат да ги пренесат на другите. Освен тоа, организираат средби со претставниците на другите религии, со што вршат интегративна улога“, истакнува Гинтер Пининг. Тој знае дека сите мигранти, па и босанските, подобро или како дома, се чувствуваат таму од каде што потекнуваат, но дека Берлин и Германија мора да направат повеќе за муслиманите да ја прифатат Германија барем како втора татковина.

Автор: Бегзада Килијан/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска