1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Berlin Volksentscheid

27 април 2009

Религијата и во иднина во Берлин не е задолжителен предмет во училиштата, туку само факултативен покрај редовниот-етика. Референдумот, со кој тоа требаше да се смени, не успеа.

https://p.dw.com/p/Hf0r
Иницијативата „Про Рели“ организираше демонстрации во БерлинФотографија: dpa/picture-alliance

На референдумот одржан вчера (26.04.2009) по барање на иницијативата „Про Рели“, само околу 14% од избирачите во Берлин се изјасниле за воведување на религијата како задолжителен предмет во училиштата. Предметот религија ќе се учи и натаму факултативно, додека предметот етика останува задолжителен за сите ученици од седмо до десетто одделение.


Берлинчани беа прашани каков е нивниот став во однос на наставата по прашањата на етиката и религијата за нивните деца и тие одговорија на свој начин. По сета политичка бука пред референдумот, големо мнозинство од избирачите едноставно избегна одговор и на тој начин се‘ останува како што беше и претходно. Берлинските ученици и нивните родители и натаму имаат слободен избор и во главниот град, кој истовремено е и една од 16-те германски покраини, религијата во државните училишта и натаму останува факултативен предмет.

Задолжително етика

Она што во другите германски покраини на учениците им се нуди во тесна државно-црковна соработка како настава поврзана со припадноста кон одредена конфесија - евангелистичка или католичка, за која понекогаш се врши и притисок, во Берлин останува и натаму препуштено сосема на слободен избор. Учениците во Берлин не мораат да чекаат да наполнат 14 години. па дури тогаш да можат слободно да изберат дали ќе посетуваат настава по религија или не. Нешто што верниците кои не и‘ припаѓаат на христијанската вера и атеистите смеат да го прават ионака.

Истовремено, обезбедено е предметот етика и натаму да биде задолжителен предмет. На часовите по етика учениците евангелисти или учениците католици се соочуваат со работите што ги поврзуваат или делат од учениците муслимани или атеисти. Припадниците на други верски учења и учениците со поинакви погледи на свет доаѓаат на тие часови исто така.

Jochen Vock
Јохен ВокФотографија: DW

Ваков отворен начин на запознавање на учениците со етичките и духовни прашања одговара на денешното време. Зашто, многу од луѓето формално и‘ припаѓаат на некоја верска заедница, но таму наоѓаат само културно, а не и духовно прибежиште. Тогаш сила на поврзување се одредени прослави во животот, како крштевки, сунети, причесни, преку венчавања до погреби. Дури и најголемите христијански празници, како Велигден и Божик, честопати се повеќе или помалку „ослободени“ од нивната верска содржина и се слават како семејни прослави, а стануваат и празници на потрошувачка. Поместување на религиозното значење на верските празници, кое го има и во другите општества, не само во христијанските.

Општите прашања за смислата на постоење се заеднички

Во добра настава по религија, како и настава по етика, поттикнувачки за размислување се ионака прашања на кои во големите светски религии, како и во многу нерелигиозни погледи на свет, се одговара на сличен начин. Основни прашања, кои ги формулирал уште германскиот филозоф Имануел Кант: „Што можам да знам?“; „Што да правам?“; „На што смеам да се надевам?“; „Што е човекот?“. И основни одоговори, како оној во социјалната етика на Кант- „Категоричен императив“: „Постапувај така што максимата на твојата волја во секое време би можела да важи и како принцип на некој основен закон“.


Автор на коментарот: Јохен Вок

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска