1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Задоволство од мирниот тек на изборите

Силвера Падори-Кленке26 март 2013

По вчерашната прва реакција на германското МНР, денес за ДВ изборите ги коментираат и пратениците од Бундестагот: Јосип Јуратовиќ (СПД), Јирген Климке (ЦДУ-ЦСУ) и Мануел Сарацин (Сојуз 90-Зелени).

https://p.dw.com/p/184Fp
Фотографија: DW

„Една добра вест од Македонија: локалните избори во неделата, според набљудувачите од ОБСЕ минаа добро, без поголеми инциденти. Сепак, владејачката и победничка ВМРО-ДПМНЕ мора да толерира одредена легитимна критика. Локалните граѓански организации известуваат за сериозни прекршувања на изборниот законик. Државата и партиските ресурси во изборната кампања биле измешани, гласачите биле привлекувани со краткорочни ветувања за работни места во јавните служби и социјална помош, а имало и закани.На кратко, македонските избори беа далеку од демократските барања“, изјави за ДВ Јосип Јуратовиќ, пратеник од пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот.
Според него, за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, резултатот е цел - Македонија да ја донесат на патот на добро функционална демократија.Во оваа смисла тој го подвлече значењето на слободата на медиумите која „ мора апсолутно да се почитува“. Во врска со најавуваниот бојкот на опозицијата, Јуратовиќ вели дека „останува сомневањето дали опозицискиот СДСМ со заканите за бојкот на изборите, навистина демократски добро постапила?“ Во секој случај, со ваквото однесување, како вели Јуратовиќ за ДВ - „ СДСМ самиот на себе си’, си наштетил“.

Движење во позитивна насока

„Добро е што изборите минаа мирно и во демократска атмосфера. Како и порано имаше одредени критики на текот на изборниот процес, но на нив треба да се гледа конструктивно. Критики има и на изборите во Америка, и во Германија и на други места кога ОБСЕ или ОДХР ги критикуваат избирачките списоци, улогата и прашањата врзани за поделбата на мандатите или барањата да се подобри правота на глас на граѓаните кои живеат и работат во странство, или на затворениците. Тоа се работи кои се дискутираат и во други земји и не се однесуваат само на Македонија и на регионот. Во оваа смисла, овие избори може да се анализираат со внатрешно задоволство и благодарност дека минаа во мирна атмосфера“, изјави за ДВ Јирген Климке, пратеник од редовите на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.
Со оглед што на само неколку недели пред локалните избори имаше затегнатости меѓу партиите на власт и опозицијата која најавуваше бојкот, го прашуваме Климке дали учеството на сите политички субјекти ќе се рефлектира и врз доближувањето на Македонија кон ЕУ. Ќе добие ли земјата позитивна оценка и во извештајот на Европската комисија?
„Верувам дека е неопходно да се истакне дека изборите се спроведени врз основа на разумност. Сигурно дека имаше и критични точки, но искуството покажува дека критиките од минатото во Македонија се преработени, што е сигнал дека и сегашните забелешки ќе имаат влијание во иднина и ќе бидат отстранети. Она што суштински се покажа според мене е што и покрај сите доскорешни затегнатости овој процес тече во позитивна насока“, подвлече за ДВ демохристијанот Јирген Климке.
Задоволство од изборниот ден изрази и Мануел Сарацин, член на пратеничката група на Сојузот 90-Зелени во Бундестагот.
„Ме радува што локалните избори во Македонија и покрај затегнатостите, минаа мирно.Од моја гледна точка беше добра и вистинска одлука што опозицијата се откажа од најавениот бојкот. Доближувањето меѓу опозицијата и партиите од власта сега мора целосно да се спроведе. Едновремено, меѓутоа, мора да се преиспитаат и и обвинувањата дека во текот на изборите имало нерегуларности“, коментира за ДВ и Мануел Сарацин.

Deutschland Die Grünen Manuel Sarrazin
Вистинска одлука опозицијата да се откаже од бојкотот: Мануел Сарацин (Сојуз 90-Зелени)Фотографија: S. Kaminski/Bündnis 90/Die Grünen Bundestagsfraktion
Jürgen Klimke, CDU, Mitglied des Bundestags
Локалните избори спроведени разумно: Јирген Климке (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: Jürgen Klimke
Kroatien Bundestagsabgeordneter Josip Juratovic SPD
Победничката ВМРО-ДПМНЕ мора да толерира и критика: Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: DW