1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Македонија е добра за НАТО, но со консензус и без датуми

Силвера Падори-Кленке27 април 2012

Официјален Берлин има полна уста пофалби за придонесот на Македонија во НАТО. Но, Кристијан Шмит, домаќин на министерот Бесими во разговорот за ДВ бара консензус и не сака поканата во НАТО да ја врзува за датуми!

https://p.dw.com/p/14lgX
Фотографија: bmvg/Torsten Rüetters

Официјалната посета на министерот за одбрана Фатмир Бесими на Берлин, синоќа заврши со пофалби и благодарност од германските партнери за придонесот на припадниците на армијата во мисиите на НАТО.
„Соработката со македонските вооружени сили е многу добра. Македонските војници во Авганистан играат важна улога. Им благодариме на смелите војници за ангажманот. Освен тоа, во втората половина од годинава ние ќе раководиме со батаљонска борбена група на Европскјата унија во која ќе учествуваат неколку различни земји, меѓу кои и Македонија. И за оваа поддршка сакаме да искажеме благодарност. Навистина, соработката се одвива исто како и двете земји да се целосно интегрирани во Алијансата”, изјави државниот секретар Кристијан Шмит, по средбата со министерот за одбарана на Македонија Фатмир Бесими кој официјално во Берлин беше примен со сите воени почести.

Fatmir Besimi Verteidigungsminister Mazedonien in Berlin und Thomas de Maiziere
Министерот де Мезије вчера во Бундестагот ја бранеше идната мисијата на Бундесверот, но стаса на фотографирањето со гостинот пред крај на разговорите на Бесими со домакинот ШмитФотографија: bmvg/Torsten Rüetters

Во отсуство на првиот човек на германската одбрана Томас де Мезије, кој беше ангажиран во Бундестагот и стаса речиси пред крајот на германско-македонската средба, се разговарало за: НАТО пред самитот во Чикаго, за операциите на Алијансата и билатерални прашања. Министерот Бесими повтори дека Германија е поддржвач на Македонија за идното членство во Алијансата подвлекувајќи дека „реформите што земјата ги прави и придонесот во мисиите на Алијансата де-факто ја прават Република Македонија се’ покредибилен партнер за членство во НАТО“.

Пресудата од Хаг не ги намали шансите

Државниот секретар Кристијан Шмит одговарајќи на прашањето на ДВ
како може, Германија конкретно да придонесе за македонското членство во НАТО посочува повеќе точки: македонската влада и македонските вооружени сили со Германија работат во добро партнерство во областите каде имаат заеднички задачи. Во пред-пристапувањето во структурите на НАТО има добар напредок, а и на европско ниво, Европската комисија заклучила дека патот може да води кон почеток на пристапните преговори.
Го прашуваме државниот секретар: дали по декемвриската одлука на Судот во Хаг Македонија има шанса за скорото посакувано полноправно членство?
„Сигурно дека со одлуката на Судот од Хаг шансите за членство не се намалени. Но, и покрај ова, останува политичка задача за поддршката и барањето од двете страни да дојдат до консензуално решение” смета Шмит.
Но, доколку Чикаго не донесе покана, не постои ли ризикот Македонија да се замори од чекање? И конечно - до кога ќе мора да чека?
„За некои прашања мора да се има долг здив. Мислам дека и во иднина ова ќе се види. Затоа јас не би се врзувал за датуми”, изјави во разговорот за Дојче Веле Кристијан Шмит, државен секретар во сојузното германско министерство за одбрана.

Christian Schmidt Parlamentarischer Staatssekretär Verteidigungsministerium
Останува поддршката, но и барањето за консензус! Кристијан Шмит, државен секретар во германската одбранаФотографија: Silvera Padori-Klenke