1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Пораката од гласачите да ја сфатат и власта и опозицијата

Силвера Падори-Кленке9 април 2013

Германските парламентарци уште еднаш го поздравија позитивниот тек на локалните избори во Македонија, но сметаат дека решавачко ќе биде вреднувањето на резултатите од партиите и почитување на претходно договореното!

https://p.dw.com/p/18C0u
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Вториот круг од локалните избори во Македонија, како што подвлекуваат за ДВ парламентарците Петер Вајс (ЦДУ-ЦСУ), Оливер Лукшич (ФДП) и Мануел Сарацин (Сојуз 90 – Зелени) и на локално ниво ја потврдија доминацијата на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што впрочем беше навестено уште во првото изјаснување. Но, како што подвлекува Петер Вајс, Германците и Европејците не биле толку загрижени за изборните резултати, колку за дискусијата која им претходела на локалните избори - најавениот бојкот од опозицијата кој дури со посредството на Европска комисија се надминал.
„Сега, возбудливо прашање е како политичките партии од Македонија ќе го вреднуваат изборниот резултат. Социјалдемократите сигурно ќе мора да заклучат дека заканите од бојкот не наидоа на согласност кај избирачите. Владините партии, пак, ќе бидат мудри, доколку сега по изборите со опозицијата продискутираат за она што беше тема на разговор при посредувањето на Европската унија“, смета Вајс, кој одговара и на прашањето: дали ваквиот тек на локалните избори ќе и‘ донесе поени на Македонија во извештајот за напредок што треба да се обелодени наредната недела, по што во јуни, конечно Европскиот совет би го дал и долгоочекуваниот датум за почеток на пристапните преговори?
„Мислам дека ќе биде решавачко што ќе се случува наредниве недели и месеци во Македонија. Дали пак ќе дојде до нов бојкот, дали ќе се разговара за термин за нови парламентарни избори, дали на маса ќе биде ставено она што власта и опозицијата со европското посредништво го договрија пред изборите. Доколку од Македонија пристигнат позитивни сигнали дека политичката култура се менува на подобро, тогаш верувам дека тоа ќе биде и позитивен сигнал и за Европската унија. Тоа се очекувањата кои ние Европејците ги имаме од Македонија. Демократијата не е само прашање на придржување на демократските правила на игра, туку таа е и прашање на почитување на политичка култура меѓу оние кои го имаат мнозинството и оние што се малцинство. Кога одлуките кои ги носи мнозинството се почитуваат и од малцинството, но и кога мнозинството ги почитува правата на малцинството.Во Македонија постојат многу можности за подобрувања во политичката култура. Се надевам дека по овие локални избори, пораките се вистински разбрани и од двете страни - и од партиите на власт и од опозицијата“, изјави за ДВ Петер Вајс, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

Прв чекот на доближување до целта

„Вториот круг од локалните избори во Македонија мина фер и во целосно демократска атмосфера. Иако има информации за помали инциденти, тоа не го расипува целокупниот позитивен впечаток на изборите. Политичката сцена во Македонија преку локалните избори воопшто не е променета. Како и во првиот круг, така и сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја потврди својата силна доминација“, е видувањето на Оливер Лукшич од пратеничката група на Либералите во Бундестагот. Тој очекува дека оценките за изборите ќе влијаат врз извештајот за напредок на Европската комисија. Според Лукшич, иако фер изборите се „првиот важен чекор за земјата да се приближи кон целта и конечно да биде во можност да започнат пристапните преговори за членство со ЕУ, Македонија се’ уште стои пред натамошни предизвици“.
Мануел Сарацин од Сојузот 90-Зелени, пак, уште еднаш повтори дека е добро што опозицијата сепак учествуваше на локалните избори, но без разлика на резултатот, за него сега е најважно да продолжи соработката меѓу партиите на власт и опозицијата.
„Резултатот од локалните избори е чиста и голема победа на владејачката партија која претходно во ваква мерка не се ни очекуваше. Со големата излезеност на гласачите испратен е јасен сигнал до опозицијата - понатаму да не води политика на опструкција. Сега, по вториот круг е најбитно претходно договореното да се спроведе, што значи и опозицијата и владејачките партии треба да се погрижат за коректни меѓусебни односи и отворање пат за натамошен конструктивен политички дијалог“, коментира за ДВ и др. Оливер Шварц, експерт за европската политика од Универзитетот Дуизбур - Есен.

Oliver Luksic Bundestag FDP
Фер изборите - прв чекор до целта - Оливер Лукшич (ФДП)Фотографија: Bundestag
Peter Weiß Abgeordneter
Очекува подобрување во демократската политичка култура - Петер Вајс (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: DW/Silvera Padori