1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлускони може да биде изведен пред суд, но тоа уште долго не значи и негов крај

14 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQe

Толку многу издолжени и исфрустрирани лица кај луѓето околу Берлускони, одамна не се видени. Медиумскиот цар со земјата Италија двеипол години владее толку самоволно, што ниту неговите адвокати, ниту неговите противници не веруваа сериозно дека е можен правен пораз. Секогаш кога за Берлускони стануваше жешко на суд и претстоеше можна осуда поради затајување данок или корупција, тој бргу донесуваше закон, често во последен момент, кој го штитеше од натамошен судски прогон. Законите "Лекс ад Персонам" скроени сосема по неговиот личен шнит, повеќепати стапиле во сила и од народот и уставниот суд се прифатени без отпор. Досега.

Можеби најдрскиот пуч на Берлускони, се чини, е избрзан. Законот, кој ги штити петтемина највисоки претставници на државата, вклучително и премиерот, кого требаше да го штити до крајот на неговиот мандат, едноставно е спротивен на уставното начело на еднаквост. Образложението за законот гласеше - неопходен инструмент за заштита на најважните државници. Всушност, законот беше нужна кочница. Берлускони со него спречи покани за на суд или дури и пресуда за време на претседателствувањето со ЕУ. И, сега? Дали сега водата му е стигната до грло? Дека сега Берлускони би бил изложен на судски линч, како што тврдат неговите професионални пропагандисти, е смешно. Тој практично ги има сите меидуми под контрола. тој командува во парламентот, а неговиот министер за правда не пропушта можност да им го загорчи животот на заштитниците на законот во Палатата на правдата во Милано, каде се води процесот за корупција против Берлускони. Тој има повеќе адвокати отколку што собира една нормална судска сала. Тие, како и да е, ќе најдат некој трик за да му помогнат на својот мандат и овојпат. Но, фигурата Берлускони, останува непријатност за Европа и неговите владини партнери ќе се обидат да ја искористат оваа слабост. Човекот пелтечи, болен е, но уште долго не стигнал до својот крај. Токму кога е најтешко, Берлускони покажува невообичаена сила. Респект кон законите и судовите, на пример, е последното што сега му паѓа напамет.