1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлускони се пишмани за „откачените“ изјави

2 септември 2011

Италијанскиот премиер Слвио Берлускони денеска ја релативизираше својата изјава дека „сака да ја напушти посраната Италија“. Новиот „бисер“ на Берлускони предизвика бран критики и огорчување во Италија.

https://p.dw.com/p/12SDu
Силвио Берлускони е познат по своите неодмерени изјавиФотографија: AP

„Таа е од оние работи кои се велат со насмевка доцна навечер, но не се мислат сериозно. Јас останувам овде за да ја променам земјата“, изјави денеска (02.09.2011) италијанскиот премиер Силвио Берлускони. Вчера беа објавени зборовите на Берлускони од прислушуван телефонски разговор со издавачот на весникот „Аванти“, Валтер Лавитола. Против него полицијата води истрага. Во разговорот, според италијанската новинска агенција АНСА, Берлускони изјавил: „Ми се гади од оваа посрана земја, за неколку месеци ќе исчезнам од неа“.

Прислушуваниот разговор од 13 јули е објавен истовремено кога беше објавено апсењето на еден брачен пар од јужна Италија поради можна уцена на италијанскиот премиер.

Partygirl Ruby
Мароканката РубиФотографија: picture-alliance/dpa

Италијанската полиција во Рим ги уапси бизнисменот Џанпаоло Тарантини (36) и неговата сопруга Ангела Девенути (34) на кои Берлускони им исплатил како што рекол, доброволно, половина милион евра. Парите се исплатени во противуслуга за нивно лажно сведочење во врска со афера со проститутки.

Се трага по третиот вмешан во уцените, Валтер Лавитола. Се верува дека Лавитола бил линкот меѓу Тарантини и Берлускони. Во овој случај Берлускони не е под истрага.
Тарантини признал дека им платил на проститутка и на други жени да присуствуваат на забавите кај Берлускони, но рекол дека Берлускони не знаел за тоа. Тарантини е под истрага во Бари за поттикнување на проституција.
„ Можат за мене да речат дека сум имал секс..Тоа е единственото што можат да го речат..јасно? Можат да ми постават уреди за прислушување каде сакаат. Можат да ги следат телефонските разговори..не ми е важно.. За неколку месеци си одам да си ја гледам мојата работа од друго место, ја напуштам оваа посрана земја од која ми е згадено“,  вели Берлускони во телефонскиот разговор.
Судењето на Берлускони за Мароканката Руби на која наводно и‘ плаќал за сексуални услуги додека била малолетна се‘ уште трае. Го товарат и за злоупотреба на должноста бидејќи ја извлече од притвор.

Автор: ЖА/БГ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска